Забранет за сообраќај патот Тетово-Попова Шапка, заглавени возила на Шапка и Маврово
- Забрана за сите видови возила е воведена на регионалниот пат Тетово-Попова Шапка поради наноси од снег. Од Авто Мото сојузот на Македонија информираат дека забраната е воведена од 14:35 часот. Претходно, од Центарот за управување со кризи информираа дека на Единствениот број за итни случаи 112 во 13:30 часот е добиена пријава за блокирани возила пред влезот на Попова Шапка на раскрсницата до викендиците.
Скопје, 1 декември 2024 (МИА) - Забрана за сите видови возила е воведена на регионалниот пат Тетово-Попова Шапка поради наноси од снег. Од Авто Мото сојузот на Македонија информираат дека забраната е воведена од 14:35 часот.
Претходно, од Центарот за управување со кризи информираа дека на Единствениот број за итни случаи 112 во 13:30 часот е добиена пријава за блокирани возила пред влезот на Попова Шапка на раскрсницата до викендиците.
- Блокираните возила на Попова Шапка не се како резултат на неисчистени коловози туку се работи за несовесни граѓани кои со летни гуми се упатиле на Попова Шапка. Патот е прооден, моментално две возила го чистат истиот. Проблемите се настанати од луѓето. Возилата со зимски гуми без никакви проблеми се движат по патот. Патрола од ПС Попова Шапка е на местото на настанот. Според дежурниот во ПС Попова Шапка во наредниот период може да се јават и други пријавувачи за истиот проблем бидејќи како ќе одминува времето поголем број на луѓе ќе почнат да се симнуваат од Шапка кон Тетово и да се создаваат поголеми колони од возила, информираа од ЦУК.
Заглавени возила има меѓу хотелот „Радика“ и Бунец на Маврово. Таму, според информациите на ЦУК, заглавени се едно возило од Територијалната противпожарна едница од Гостивар со околу 20 други возила. Се чека поголема машина-фреза од „Македонија пат“ за расчистување на снегот.
Од Јавното сообраќајно претпријатие „Македонија пат“ попладнево информираа дека од 14 часот е нормализиран сообраќајот на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража.
Од Управата за хидрометеролошки работи информираат дека врнежите од дожд и снег ќе продолжат и во текот на денешниот ден. Во западните и јужните делови ќе бидат пообилни каде ќе наврнат над 30 l/m2. На планините и на повисоките места, претежно во западните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 2 до 7 степени.
Најмногу снег утринава имаше наврнато во Маврови Анови (61 сантиметар), а снег има и во Крушево, Попова Шапка, Дебар, Претор, Берово и Битола. бак/
Фото: МИА архива