• недела, 30 јуни 2024

Забрана за користење на водата од водоводот во виничкото село Лаки

Забрана за користење на водата од водоводот во виничкото село Лаки
Кочани, 24 февруари 2022 (МИА) – Центарот за јавно здравје од Кочани издаде препорака до локалната самоуправа на Виница да го забрани користењето на водата од јавниот водовод во планинското село Лаки, откако во земените примероци е констатирана бактериолошка загаденост и хемиска неисправност. По барање на Општина Виница, пред десетина дена била направена контрола на исправноста на водоводната мрежа, по што е констатирано дека водата не ги задоволува стандардите за употреба во домаќинствата. -Испитаните примероци вода за пиење од локалниот водовод во Лаки, од мерното место фонтана во центарот на населбата, не одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри. Причина за загадувањето е зголеменото присуство на колиформни бактерии, како и на бактерии псевдомона аеругиноза и ешерихија коли. Поради тоа, локалната самоуправа на Виница треба да го извести населението за состојбата на водата, се истакнува во писмениот извештај од наодите на Центарот за јавно здравје – Кочани. Освен бактериолошка, анализата покажала и хемиска неисправност на водата во селото Лаки, односно зголемена концентрација на манган за околу 40 отсто повеќе од законски дозволениот максимум. Препорачана мерка е водата воопшто да не се користи за пиење, лична хигиена и за миење свежо овошје и зеленчук, а населението да се извести со поставување табли со натпис дека не е безбедна за употреба.та/вј/

Остани поврзан