• среда, 15 мај 2024

Жозе Педро Агиар-Бранко избран за претседател на Парламентот на Португалија

Жозе Педро Агиар-Бранко избран за претседател на Парламентот на Португалија

Лисабон, 27 март 2024 (МИА) – По вчерашните три неуспешни гласања, пратениците денеска го изгласаа Жозе Педро Агиар-Бранко за претседател на Парламентот на Португалија. Тој е изгласан откако Социјалдемократската партија и социјалистите постигнаа компромис претседателот на Парламентот да се избира по принцип на ротација.

Агиар-Бранко од Социјалдемократската партија (СДП) првите две години од четиригодишниот мандат ќе ја извршува функцијата, а потоа ќе биде заменет од пратеникот на Социјалистичката партија (СП), Франсишко Асиш.

Десничарската коалиција Демократски сојуз победи на изборите на 10 март со тесно водство пред владејачките социјалисти, но недоволно за да формираат влада.

СДП и социјалистите имаат вкупно 156 места во 230-члениот Парламент, што е доволно за избор на претседател. Агиар-Бранко е избран со 160 гласа.

Изборите, кои се одржаа две години пред предвиденото, беа распишани откако социјалистичкиот премиер Антонио Кошта поднесе оставка во ноември поради истрагата за наводните неправилности во управувањето со големите инвестициски проекти од страна на неговата влада.

Аналитичарите очекуваат нестабилно владеење под малцинската влада на Демократскиот сојуз, која има само 80 пратеници и веројатно нема да може да донесе закони без ултрадесничарската партија Шега (на португалски Стига). ми/

фото: Википедија

Остани поврзан