• четврток, 04 декември 2025

Жителите на три села во Прилепско живеат без вода

Жителите на три села во Прилепско живеат без вода

Прилеп, 26 јули 2025 (МИА) - Околу 250 жители од три села од општина Кривогаштани: Годивље, Подвис и Кореница два месеци немаат вода. Имаат водовод, приклучени се на регионалниот систем „Студенчица“, но водата кај нив не стигнува. Ова им се случува секое лето последниве години.

Жителите се снаоѓаат како знаат и умеат.

-Веќе два месеци вода немаме. На овие 45 степени што да правиме без вода? Со деца мали сме, немаме вода. Многу тешко е. Полниме вода од бунари, чешми, неиспитана вода, непроверена. За пиење полниме вода од чешмата кај селската црква „Свети Атанасиј“. Таа е изворска вода. Ова се случува секое лето, вели Фросина Крстеска, жителка на село Годивље која ја затекнавме како полни вода во пластични шишиња од селската чешма.

И Летка Темелкоска, од селото Годивље мора да се снаоѓа за вода.

-Голем проблем е што сме без вода. Тешко е. Маки мачиме, вода користиме каде ќе најдеме. Од бунари бараме вода за домашна употреба. За пиење од селската чешма во шишиња и пластични туби полниме. А не знаеме дали е исправна, вели Темелкоска.

Според Алекса Прчикапоски, претседател на МЗ на село Годивље проблемот е кај жителите од селото Локвени кое припаѓа на соседната општина Долнени. Не им пуштаат вода низ водоводната мрежа. Ова е со години, секое лето.

-Водата ја има, но не стигнува во селото. Со селото Кореница преку барање до ЈП „Студенчица Злетовица“ бевме приклучени на регионалниот водовод. Сите три села сме приклучени: Подвис, Годивље и Кореница. Имаме водоводна инсталација. Извесен период имавме вода, но нашите маки се најголеми од селото Локвени кое припаѓа на соседната општина Долнени. Таму поставуваат вентили како сакаат, се приклучуваат како сакаат и водата кај нас не ја пуштаат. На диво се приклучени, си вадат пченка, бостан, други земјоделски култури. Некогаш така по долови им течи водата, само ние во трите села да немаме. Сме се жалале и во општина Долнени, но оттаму ни велат дека знаат, но не смеат таму да појдат. Но треба да преземат мерки. Во општина Кривогаштани знаат, градоначалникот ни вели повремено дека нема проблем. Ама вода нема. А стигнуваат сметки за плаќање, раскажува Прчикапоски.

Киро Димоски, претседател на МЗ на селото Подвис го дели истото мислење.

-Ние водоводот го донесовме во 1993 година. Првите години беше во ред, но почнаа да чепкаат во главната водоводна цевка. Кога појдовме да се разбереме, тие сакаа физички да се пресметуваат со нас. Ние направивме на друго место приклучување, но и таму настанаа проблеми. Не знаеме што да правиме. Локвени има вода, кај нас, во трите села, нема, вели Димоски.

Од локалната самоуправа од Кривогаштани само кусо велат дека не е проблем со мрежата. Вода во системот има. Кога ги прашале во општина Долнени, оттаму им рекле дека немало кражби на вода.

Во меѓувреме околу 250 жители од три села живеат без капка вода во водоводниот систем. ем/ев/

ФОТО: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан