• петок, 22 ноември 2024

Жените се свесни за економското насилство, но тоа потешко се препознава оти е покриено со изјави на љубов

Жените се свесни за економското насилство, но тоа потешко се препознава оти е покриено со изјави на љубов

Скопје, 26 февруари 2023 (МИА) - Секогаш кога се зборува за родово базирано и семејно насилство несвесно се наметнуваат физичкото и психолошкото насилство, а се занемарува економското насилство како една од формите на родово базирано и семејно насилство. Економското насилство најшироко може да се дефинира како контрола врз располагањето со средствата и одлучување во врска со заедничките ресурси. Контролата може да се однесува и на пристапот на жртвата до образование, здравствени услуги, вработување, секојдневни трошоци и потреби.

Според податоците од истражувањето „Економското насилство како форма на родово базирано и семејно насилство“ објавено во декември лани од тимот на „Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство“, 30 проценти од испитаните жени сметаат дека биле жртви на економско насилство, а само 9,4 отсто ги пријавиле ваквите случаи во полициска станица или во центар за социјални работи. Според податоците од истражувањето добиени од Центарот за социјални работи на Град Скопје, евидентирани се само четири случаи на економско насилство.

Психологот и психотерапевтка Мирјана Јовановска Стојановска во изјава за МИА вели дека економското насилство потешко се препознава затоа што, како што посочува, често е покриено со изјави на љубов и грижа од типот „Јас се грижам за тебе, јас се жртувам за тебе“, „Ти не треба ништо да правиш, јас те сакам да ми бидеш кралица“. Таа потенцира дека жената го прифаќа сето ова како заштита и со време станува контролиран роб.

Економско насилство, Фото: Karolina Grabowska  за Pexels.com

Законот за спречување и заштита од насилство  врз жени и семејно насилство, што беше донесен од Собранието во јануари 2021 година и стапи на сила во мај истата година, за првпат го дефинира економското насилство како дејствие на ограничување или спречување во располагањето со лични приходи и финансиски средства за одржување на заедничкото домаќинство и за грижа на детето со што се предизвикува економска зависност на жртвата.

Жените свесни за економското насилство, вработените во ЦСР препознаваат само еден вид

Истражувањето што го направи Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство покажа дека 30 проценти од испитаните жени сметаат дека биле жртви на економско насилство, а само 9,4 отсто ги пријавиле ваквите случаи во полициска станица или центар за социјални работи.Како видови на економско насилство кои ги доживеале, испитаниците ги навеле отплаќањето на туѓи долгови, контролата на трошење на парите и располагањето со финансиски средства.

Авторката на истражувањето Тона Карова за МИА истакна дека наодите од истражувањето укажуваат на тоа дека во голема мера различните видови на економско насилство се препознаени, односно во најголем процент 82,9 проценти го препознаваат располагањето со лични приходи и финансии ограничено од страна на партнерот или некој член од семејството како економско насилство, 84,3 проценти го посочуваат исклучувањето од донесување на финансиски одлуки, 82,9 проценти од испитаничките велат дека бараат дозвола за користење финансии за лични потреби (пазарење, козметички 2-услуги, потреби наменети лично за нејзе и друго), 78,6 проценти изјавиле дека се спречени и ограничени при изборот на вработување и можноста за заработувачка, а 71,4 проценти се ограничени со буџетот за одржување на домаќинството и грижа на детето.

Перцепцијата на испитаниците е дека жените и мажите не се еднакви при наследувањето. Во онлајн прашалникот, 60 проценти од жените сметаат дека жените не наследуваат исто со мажите. Дополнително, 41,4 проценти сметаат дека жените во брачна заедница немаат еднакви имотни права како и нивните партнери, иако формално правно неспорно имаат.

Од донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, според податоците од истражувањето добиени од Центарот за социјални работи на Град Скопје, евидентирани се само четири случаи на економско насилство.

Тона Карова, Фото: Фросина Насковиќ МИА

– Од спроведениот увид како главен заклучок може да се извлече дека Центарот за социјални работи препознава еден вид на економско насилство и тоа надмирување на комунални, режиски и трошоци за домаќинството, а особено имајќи го предвид малиот број на случаи кои се регистрирани во Центарот за социјални работи. Особено загрижува тоа што воопшто не се евидентирани случаи на економско насилство во и меѓу партнерски односи, особено ако сме свесни за вредностите, стереотипите и начинот на живеење во нашето општество, вели Карова.

Според статистичките податоци што ги доби МИА од Министерството за труд и социјални работи, во периодот од 2019 до 2021 година регистрирани се 101 пријава за економско насилство. Оттаму немаат податоци за 2022 година.

-Според податоците од Центарот за социјална работа во 2019 година имало 41 пријава, во 2020 година имало 24 пријави, додека во 2021 година имало 36 пријави, велат од МТСП во одговорот до МИА.

Статистичките податоци што ги добивме од Министерството за внатрешни работи, пак, покажуваат дека за две ипол години, односно во периодот од 2019 година до јуни 2022 година, регистрирани се вкупно 305 случаи на економско насилство. Од МВР во одговорот до МИА истакнуваат дека не располагаат со податоци за број на жртви и сторители на економско насилство според половата структура.

-Во 2019 година поднесени се 82 поплаки за економско насилство. Во 2020 година поднесени се 55 поплаки. Во 2021 година поднесена е 91 поплака, додека во периодот од јануари до јуни 2022 година поднесени се 77 поплаки, посочуваат од МВР.

Економското насилство потешко се препознава оти е покриено со изјави на љубов

Психологот и психотерапевтката Мирјана Јовановска Стојановска во изјава за МИА вели дека економското насилство потешко се препознава затоа што, како што посочува, често е покриено со изјави на љубов и грижа од типот „Јас се грижам за тебе, јас се жртувам за тебе“, „Ти не треба ништо да правиш, јас те сакам да ми бидеш кралица“.

-Економското насилство потешко се препознава затоа што често е покриено со изјави на љубов и грижа: „ Јас се грижам за тебе, јас се жртувам за тебе“, „Ти не треба ништо да правиш, јас те сакам да ми бидеш кралица“, „ Ти си жена и ќе седиш дома децава да ги гледаш“, „Јас сум мажот повеќе заработувам од тебе и мене ќе ми ги дадеш парите и јас ќе раководам за доброто на сите“, „Многу трошиш, глупости купуваш, ти не знаеш како да водиш сметка за парите“, „Ако ти треба нешто ќе ми кажеш и јас ќе видам дали навистина ти треба, јас ќе купам ако треба“, посочува Јовановска- Стојановска.

Мирјана Јовановска Стојановска, Фото: Принтскрин од видео

Таа потенцира дека жената го прифаќа сето ова како заштита и со време станува контролиран роб.

-Сето ова е тешко да се докаже. Ваквото економско насилство трае со години и често жртвата не го ни препознава за да реагира и да смени нешто. Често е комбинирано со физичко насилство и сексуално насилство. Последиците по физичкото здравјето се очигледни - разочарување, отупеност на емоциите, психосомаски симптоми, проблеми со срцето, рбетот, забите, крвниот притисок, промени во однесувањето, често има избегнување на се што може да биде против ваквото живеење, вели Јовановска- Стојановска.

Според Наташа Димеска, шеф на Кабинетот на министерката за труд и социјална политика, темелот на економското насилство и на несигурноста на жените сами во себе, се базира на традиционалните размислувања за разликата во моќта меѓу мажот и жената.

Таа во изјава за МИА вели дека колку и да се чувствуваме и дефинираме себе како феминистки, не може, а да не ги забележиме овие работи во дел од своето размислување или однесување.

-Замислете колку е тоа поизразено и погласно кај жените кои се жртви на насилство, кај жените кои години од својот живот поминале во насилство, во психолошки сугестии колку се тие неспособни и невредни и колку тие немаат што да понудат на светот. Замислете колку е проблем да изградиме сервиси, со поддршка на граѓанските организации, кога пред себе имаме жени кои се целосно тргнати од своите општествени кругови, кои речиси и да немаат контакт со својата околина, а сликата за себе одамна им е разрушена, вели Димеска.

МТСП на жените жртви им нуди мерки - најпопуларна мерка кредит за отворање сопствен бизнис

Димеска информира дека во Оперативниот план за вработување, најпопуларна мерка е кредитот за самовработување - отворање на сопствен бизнис, но и дел од обуките за преквалификација и доквалификација. Таа посочува дека во 2021 и 2022 година речиси 10 илјади жени имале бенефит од овие мерки, односно 3.756 жени отвориле сопствен бизнис, а останатите ја искористиле можноста за преквалификации и доквалификации.  

- И покрај традиционалните начини и уверувања, малолетничките бракови и сите други додатни пречки со кои се соочуваат жените, ние мора да ги убедиме дека тие можат да бидат економски независни и дека тие се оние кои се потребни на пазарот на труд. Во 2023 година, дел од Оперативниот план се и ИТ обуките за кои има најголем интерес од страна на жените. Затоа, оваа година во делот на ИТ обуките и преквалификацијата додаваме дополнителни средства за да се зголеми опфатот, бидејќи не е целта само жените да ги пласираме на пазарот на трудот, туку да ги зајакнеме и да имаат достоинствени приходи кои немаат да им дозволат ниту во еден момент да се поколебаат и да се вратат кај насилникот, вели таа.

Наташа Димеска од МТСП, Фото: Фејсбук на претседателот Пендаровски

Посочува дека годинава се планира и професионалните ментори, односно оние кои би им помогнале на жените на работното место да бидат опфатени како дел од мерките на МТСП за оваа проблематика.

-Социјалното менторство е нешто кое востановивме дека многу им е потребно на жените, затоа што не е само влезот во пазарот на труд, туку и останување на истиот.  Сакаме да имаме специјализирани социјални ментори кои ја знаат категоријата, знаат точно да ги поврзат со работодавецот, но и да го разбијат стравот кај приватниот сектор дека доколку вработат жена која е жртва на семејно насилство, би имале проблем со насилникот, вели Димеска.

Истакнува дека МТСП работи на отворање на што поголем број градинки, затоа што, како што вели, на самохраните мајки треба да им бидат достапни градинките.

Постојат повеќе видови економско насилство 

Постојат различни видови на економско насилство врз жените: јавно-општествени форми, контрола во пристапот до финансиски средства, услуги и лични потреби, ограничување на начинот на користење на финансиските средства и работите што ги поседува жртвата и искористување на економската состојба на жртвата.

Како јавно-општествени форми на економското насилство може да се вројат: нееднаков надоместок за работа со еднаква вредност меѓу мажите и жените; дискриминаторски закани и пракси во врска со наследување, имотни права, користење на заеднички имот.

Контролата во пристапот до финансиски средства, услуги и лични потреби вклучува: ограничување и спречување на пристапот до вработување или промена на работа, како и ограничување на работното време; ограничување и спречување во пристапот до образование, здравствени услуги и други услуги; ограничување при задоволување на личните потреби (пазарење, козметички услуги, потреби наменети лично за неа и сл.) и ограничување и спречување во пристапот до кредит, банкарска сметка и/или картичка.

Економско насилство, Фото: Freepik.com

Ограничувањето на начинот на користење на финансиските средства и работите што ги поседува жртвата опфаќа: ограничување, земање и располагање со приходите и/или заштедата на жртвата или заштеда на децата; контрол кога и како се трошат финансиските средства (насилсникот одредува што може жртвата да купи, ја обврзува да бара дозвола за трошење на финансиските средства и да го оправда секое трошење), контрола на финансиската состојба на жртвата (проверка на сметката/картичките на жртвата; насилникот ја тера жртвата да бара пари или да обезбеди финансиски средства со што може да ја задолжи жртвата и да ја влоши нејзината финансиска состојба); инсистирање на тоа дека сите економски средства (заштеди, недвижен имот, автомобил и слично) да се на име на насилникот; чување на финансиски информации во тајност, односно исклучување од носење на финснсиски одлуки на жртвата.

Во групата искористување на економската состојба на жртвата се вклучени: кражба и/или продажба на имот кој е на сопственост на жртвата; предизвикување штета на имот кој е во сопственост на жртвата; одбивање на насилникот да придонесе за трошоците за домаќинството, комуналните и режиските трошоци, со што се намалува финансиската моќ на жртвата; злоупотреба на финснсиски средства на заеднички банкарски сметки од страна на насилникот; инссистирање на тоа сите сметки, кредитни картички и заеми се на име на жртвата, како и обврската за нивно плаќање и насилникот ја тера жртвата да преземе или подигне долг на нејзино име со или без нејзино знаење.

 

Фатиме Фазљији

Фото: Фросина Насковиќ, Karolina Grabowska  за Pexels.com, Freepik.com

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан