• петок, 22 ноември 2024

Жените од руралните средини ги надградија дигиталните вештини преку проект на здружението „Заеднички вредности“

Жените од руралните средини ги надградија дигиталните вештини преку проект на здружението „Заеднички вредности“

Скопје, јуни 2024

Здружението „Заеднички вредности“ успешно го спроведе проектот „Премостување на дигиталниот јаз: подобрување на животот на жените во руралните средини“, чија цел беше да ги унапреди животните услови на жените во руралните области преку оспособување за употреба на дигитални технологии и подобрување на нивните вештини, е поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија и на Фондациите Отворено општество – Западен Балкан.

Проектот се спроведуваше девет месеци, а во него учествуваа жени од Арачиново, Сарај, Теарце, Врапчиште, Јегуновце, Чучер-Сандево,  Желино, Брвеница, Шуто Оризари Боговиње, Старо Нагоричане, Студеничани, Чаир, Бутел и Липково.

Во рамки на проектот беа одржани серија на обуки за дигитални вештини, се креираа онлајн едукативни видеа, и беше развиена специјализирана платформа за дигитални вештини. Покрај тоа, се спроведе и кампања за промоција на дигиталната писменост со цел да се зголеми свеста за придобивките од дигиталните вештини меѓу жените во целните региони.

Во текот на обуките жените-учеснички истакнаа дека имаат потреба од обуки со цел да научат како да ги користат дигиталните алатки. 

„Дигиталната писменост е клучна за нашата самостојност и напредок, а покрај тоа дигиталните платформи можат да ни помогнат да ги продаваме нашите производи и да пристапиме до нови пазари“, наведоа тие. 

Жените кои беа вклучени во проектот потенцираа дека за нив од голема важност е меѓусебното здружување со цел размена на знаења и зајакнато дејствување. 

„Потребни ни се државни програми кои ќе ги поддржат нашите напори за дигитална инклузија, а дополнително потребна ни е и поддршка од невладините организации и компаниите во земјава“, порачаа жените-учеснички. 

Тие наведоа дека традиционалните родови улоги и стереотипи во руралните области често ги ограничуваат за користење на технологијата и учество во дигиталната економија. 

„Учесничките стекнаа основни и напредни знаења за користење на дигитални алатки и технологии, како што се компјутери, Интернет, социјални мрежи и различни апликации, а со тоа им се зголеми самодовербата за користење на дигитални технологии за лични и професионални цели. Со тоа обучените жени можат да ги користат своите нови вештини за започнување или проширување на сопствените бизниси, како и за барање работа која бара дигитални вештини“, изјави Флорент Бајрами, претседател на Здружението „Заеднички вредности“.

Бајрами посочи дека е неопходно креирање на политики и инвестиции во програми за образование за поддршка на жените во руралните средини. 

„Со спроведувањето на овој проект, покрај надградувањето на вештините, ја покренавме и јавната свест за родовата еднаквост и ја промовиравме важноста за ваков тип на образование за жените во руралните средини“, заклучи претседателот на Здружението „Заеднички вредности“.

Видео запис од проектот на македонски јазик: https://youtu.be/trI7wjE9IVA?si=dhdAOY5vNtSmTBsM  и албански јазик: https://youtu.be/Zzxe-zS3iMk?si=0edZf3PF2iBrhIad

Здружение „Заеднички вредности“

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.


Фото: Здружение „Заеднички вредности“

 

Остани поврзан