ЕУ ја продолжува мисијата за воена помош за Украина за уште две години
- Мисијата се спроведува во земјите на ЕУ и е наменета за обука на украински војници.
Брисел, 8 ноември 2024 (МИА) - Советот на ЕУ објави дека го продолжува мандатот на Мисијата за воена помош во Украина за две години, до 15 ноември 2026 година, со доделен буџет од речиси 409 милиони евра. Мисијата се спроведува во земјите на ЕУ и е наменета за обука на украински војници.
Мисијата останува клучно средство за воената поддршка на ЕУ за Украина, а нејзината главна цел е да придонесе за зголемување на воените капацитети на украинската армија, се наведува во соопштението. Се очекува учесниците во европската мисија да работат во соработка со Мисијата за безбедносна помош и обука на НАТО.
Во октомври 2022 г Советот на ЕУ донесе одлука за формирање на мисијата за Украина со првично времетраење од две години. Стратешка цел на мисијата е да придонесе за ефективно извршување на операциите за одбрана на територијалниот интегритет на земјата според меѓународно признатите граници.
Досега во мисијата се обучени 63.000 украински војници - вкупно 10 бригади. Во наредните месеци се очекува да бидат обучени уште 15.000 војници, се додава во соопштението. зш/