ЕУ ја поздрави одлуката на косовската влада да дозволи влез на српски стоки преку преминот Мердаре
- Европската Унија ја поздрави вчерашната одлука на Владата на Косово за укинување на забраната за увоз на српска стока преку преминот Мердаре на границата меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 8 октомври 2024 (МИА) – Европската Унија ја поздрави вчерашната одлука на Владата на Косово за укинување на забраната за увоз на српска стока преку преминот Мердаре на границата меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Канцеларијата на ЕУ во Косово преку соопштение за медиумите соопшти дека слободната трговија е клучот за функционирањето на Заедничкиот регионален пазар и тоа е „интегрален дел од Планот за раст“
„Го поздравуваме отстранувањето на ограничувањата за влез на српски готови производи во Косово преку Мердаре. Слободната трговија со стоки низ Западен Балкан, во согласност со правилата на ЦЕФТА, е клучна за функционирањето на Заедничкиот регионален пазар, кој е интегрален дел од Планот за раст. За доброто на луѓето и бизнисите!“, се вели во соопштението.
Косовскиот премиер Албин Курти вчера информира дека одлуката за укинување на забраната за увоз на стоки од Србија ја донеле само на граничниот премин Мердаре. Во меѓувреме, за другите точки рече дека се чекаат скенерите кои ќе служат за построга контрола на српската стока што влегува во Косово.
Тој рече дека оваа мерка е доволна за Косово да биде успешно во ЦЕФТА и на самитот на Берлинскиот процес идната недела.
Германскиот амбасадор Јорн Роде вчера изјави дека ја поздравуваат ваквата одлука. Истиот став како и неговиот германски колега го искажа и францускиот амбасадор Оливие Геро.
Косово го забрани увозот од Србија по апсењето на тројца косовски полицајци од страна на српските сили на границата меѓу двете земји, тензиите на северот од земјата населен со српско мнозинство и сомневањата дека минатата година преку стоката нелегално се шверцувало оружје.
Германија неодамна, преку нејзиниот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, му се закани на Косово со неучество на самитот на Берлинскиот процес, што ќе се одржи на 14 октомври, доколку не ја укине забраната за увоз на стоки од Србија, а предупреди и дека оваа забрана ја блокира и работата на ЦЕФТА. иа/ссм/