• петок, 05 декември 2025

ЕУ и САД разговараа за зајакнување на борбата против криминалот, шверцот на дрога, тероризмот и кибер заканите 

ЕУ и САД разговараа за зајакнување на борбата против криминалот, шверцот на дрога, тероризмот и кибер заканите 

Брисел, 3 јуни 2025 (МИА) - Борбата против организираниот и кибер криминалот, илегалната трговија со дрога и тероризмот и справувањето со илегалната миграција беа главни теми на министерскиот состанок за правда и внатрешни работи меѓу Европската Унија и САД, што вчера и денеска се одржа во Варшава во организација на Полското претседателство со Советот на ЕУ. 

- Средбата претставуваше можност да се потврди значењето на одржливата соработка меѓу ЕУ и САД во справувањето со заедничките предизвици, како и нивната заедничка посветеност на континуиран дијалог и тесна соработка за прашања од областа на правдата и внатрешните работи. ЕУ и САД ги разгледаа неодамнешните заеднички достигнувања и идентификуваа конкретни заеднички активности во областите од заеднички интереси и приоритети, како што се борбата против транснационалниот организиран криминал и трговијата со дрога, борбата против тероризмот, илегалната миграција и криминалните активности поврзани со кибер техничките мрежи, соопшти Советот на ЕУ. 

Двете страни ја нагласиле својата посветеност на трансатлантската соработка во справувањето со глобалната закана што ја претставуваат организираниот криминал и илегалната трговија со дрога. - Во дискусиите беа истакнати тековните напори за продлабочување на бирегионалната меѓународна соработка за спроведување на законот и судството, вклучително и во борбата против трговијата со кокаин и синтетички дроги, особено фентанилот. Тие ја поздравија улогата на телата, како што е Евроџаст, во олеснувањето на меѓународната соработка и координација во кривичната правда, се наведува во соопштението. 

Во делот на борбата против тероризмот, претставниците на ЕУ и САД разговарале за нивните заеднички напори за справување со ова појава, вклучително и важноста на споделувањето информации и на тековна оперативна соработка помеѓу Европол и надлежните американски органи. 

- Европската Унија и САД разговараа и за важноста на борбата против кибер криминалот и справувањето со растечките закани, како што т.н. уценувачки софтвери, и со онлајн и другите измами, како и во спречувањето и борбата против сексуалната злоупотреба на децата, се додава во соопштението. 

На состанокот, исто така, била истакната важноста од запирање на илегалната миграција кон Европа и кон САД, со цел борба против шверцот со мигранти и мрежите за трговија со луѓе. При тоа, двете страни ја потврдиле важноста од безбедните границите и ја нагласиле потребата од брзо враќање на илегалните мигранти. 

- Конечно, двете страни ја повторија својата посветеност на трансатлантско безвизно патување за сите граѓани на Европската Унија и САД, посочува Советот на ЕУ. 

Делегацијата на ЕУ на состанокот ја претставувале еврокомесарите за внатрешни работи и миграција и за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите, Магнус Брунер и Мајкл Мекграт и полските министри за внатрешни работи и за правда, Томаш Сиемонијак и Адам Боднар. САД, пак, биле претставени од главната јавна обвинителка Памела Бонди и вишиот советник на секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, Роб Ло. 

Следниот состанок меѓу ЕУ и САД на ова ниво е предвиден за во втората половина од годината во Вашингтон. сп/ 

Фото: Полско претседателство со Советот на ЕУ 

Остани поврзан