• понеделник, 23 декември 2024

ЕУ и ОН се загрижени поради новиот закон во Хонг Конг: „Се укинуваат основните слободи“

ЕУ и ОН се загрижени поради новиот закон во Хонг Конг: „Се укинуваат основните слободи“

Њујорк, 20 март 2024 (МИА) - Новиот закон за национална безбедност на Хонг Конг предизвикува голема загриженост кај ЕУ и ОН и може да ги наруши основните слободи на градот под кинеска управа.

Правниот пакет, познат како член 23, казнува прекршоци како предавство, саботажа, бунт, кражба на државни тајни, странско мешање и шпионажа со казни кои се движат од неколку години до доживотен затвор.

„Алармантно е што таков закон беше протуркан низ забрзана постапка и покрај сериозната загриженост за неусогласеноста на многу негови одредби со меѓународното право за човекови права“ се вели во соопштението на високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Турк.

Тој ги даде коментарите откако пратениците од Хонг Конг едногласно го усвоија новиот предлог-закон само две недели откако беше првпат претставен.

Лидерот на Хонг Конг Џон Ли рече дека законот ќе стапи во сила в сабота и го нарече „историски момент“.

Во изјавата на Турк се вели дека широко дефинираните и нејасни одредби на законот би можеле да доведат до „криминализација на широк опсег на однесување заштитени со меѓународното право за човекови права, вклучително и слободата на изразување, мирно собирање и правото на примање и пренесување информации“.

– Неговото усвојување без темелен процес на разгледување и значајни консултации е регресивен чекор за заштита на човековите права во Хонг Конг – рече Тирк.

Во посебна изјава, Европската Унија соопшти дека е загрижена заради „потенцијалното влијание врз правата и слободите на луѓето во Хонг Конг“ и дека членот 23 може „значително“ да влијае на работата на канцелариите на ЕУ, како и на организациите и компаниите во Хонг Конг.

Ова отвора прашања и за долгорочната атрактивност на Хонг Конг како меѓународен деловен центар - се наведува во соопштението. ссм/

фото: ЕПА 

Остани поврзан