• петок, 22 ноември 2024

ЕУ воведе санкции кон три исламистички групи поради сексуално и родово базирано насилство

ЕУ воведе санкции кон три исламистички групи поради сексуално и родово базирано насилство

Брисел, 13 април 2024 (МИА) – На својата Глобална листа на санкции за кршење на човековите прави, ЕУ додаде три групи одговорни за сексуално и родово базирано насилство за време на бруталните и неселективни терористички напади врз Израел на 7 октомври 2023 година, соопшти Европскиот совет. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за Бригадите „Ерусалим“ (Ал-Кудс), вооружено крило на терористичката група Палестински исламски џихад (ЈИФ), за Бригадите на маченикот Изедин ал-Касам (КИК), воено крила на терористичката организација Хамас и за нејзината единица за специјални намени Елитни сили (Нукба).  

Со ова на листата на санкционирани согласно Глобалниот режим на ЕУ за рестриктивните мерки за кршење на човековите права се наоѓаат 104 физички и правни лица и 26 субјекти од повеќе земји. 

На санкционираните им е замрзнат имотот, а на поединци и ентитети им е забрането директно или индиректно да ги снабдуваат со средства или економски ресурси. Дополнително, на физичките лица им е забрането за патување во ЕУ. 

Во заклучоците од Самитот на ЕУ на 21 и 22 минатиот месец, Европскиот совет ја повтори „најсилната можна осуда на бруталните и неселективни терористички напади“ на Хамас врз Израел од 7 октомври 2023 година, признавајќи го правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право и одново повика на итно ослободување на сите заложници без никакви предуслови. Советот на ЕУ нагласи и дека постои сериозна загриженост за безбедноста и состојбата на заложниците и побара Хамас и другите вооружени групи веднаш да овозможат хуманитарен пристап да сите преостанати киднапирани лица. Лидерите на ЕУ, исто така, повикаа и за усвојување на дополнителни рестриктивни мерки против Хамас. 

ЕУ го воспостави својот Глобален режим на санкции за кршење на човековите права на 7 декември 2020 година. Врз основа на него се воведени санкции поради геноцид, злосторства против човештвото и други сериозни прекршувања или злоупотреби на човековите права, како тортура, ропство, вонсудски убиства и произволни апсења или притворања.  

Глобалниот режим претставува инструмент преку кој Унијата ја манифестира решеноста да ја зајакне својата улога во справувањето со сериозните кршења и злоупотреби на човековите права ширум светот.  

- Ефективното уживање на човековите права за сите е стратешка цел на Унијата. Почитувањето на човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права е основна вредност на Унијата и на нејзината заедничка надворешна и безбедносна политика, нагласува Европскиот совет. 

Советот лани на 4 декември 2023 ја продолжи важноста на Глобалниот режим на ЕУ за санкции поради кршење на човековите права до 8 декември 2026 година. сп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан