ЕУ апелира на почитување на меѓународното право, но не ја осудува американската акција во Венецуела
- Европската Унија повикува на смиреност и воздржаност од сите актери во Венецуела, со цел да се избегне ескалација и да се обезбеди мирно решение на кризата во земјата, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Брисел, 5 јануари 2026 (МИА) – Европската Унија повикува на смиреност и воздржаност од сите актери во Венецуела, со цел да се избегне ескалација и да се обезбеди мирно решение на кризата во земјата, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Одговарајќи на прашање зошто ЕУ не искажа „експлицитна осуда на воената интервенција на САД“ за смена од власта на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и не ја оцени како „кршење на меѓународното право“, Хипер рече дека Унијата издаде заедничка изјава поддржана од 26 земји членки на ЕУ, сите освен Унгарија, во која се „потсетува дека принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН мора да се почитуваат во сите околности“.
- Членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации имаат посебна одговорност да ги почитуваат тие принципи, како столб на меѓународната безбедносна архитектура. ЕУ постојано изјавува дека Николас Мадуро нема легитимитет како демократски избран претседател и се залага за мирна транзиција кон демократија во земјата предводена од Венецуелците, рече Хипер.
Запрашана дали тоа значи оти ЕУ смета дека САД го почитувале меѓународното право со своите постапки во Венецуела, Хипер повтори дека меѓународното право мора да се почитува и очекува сите вклучени актери да го прават тоа.
- Со оглед на тоа што настаните сè уште се во тек, прерано е да се разгледуваат и одредуваат сите импликации во однос на правната проценка, изјави Хипер на инсистирање да даде одговор на прашањето.
На прашање, пак, дали Европската комисија, која е „брилијантна во смислување терминологија“, конечно реши како да ја оцени „акцијата на САД“ во Венецуела, како „инвазија, интервенција, активна агресија или надворешен државен удар“, главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо изјави дека не смета оти како ќе се нарече акцијата е најрелевантно нешто во врска со ова прашање.
На дополнително прашање дали ова значи дека ЕУ би поддржала и насилна смена на други режими кои се непријателски наклонети кон неа, Пињо одговори дека Мадуро немал легитимност како демократски избран лидер, па затоа настаните од викендот во Венецуела даваат можност за демократска транзиција, што треба да ја спроведе венецуелскиот народ, кој треба и да реши кој ќе ја води земјата.
Запрашана дали ЕУ гледа какви било индикации дека САД се заинтересирани за демократска транзиција во Венецуела, Пињо рече дека тоа прашање треба да му се постави на американскиот претседател Доналд Трамп.
- Ова може да создаде можност за демократска транзиција. Ова може да создаде можност за оние кои се демократски избрани во Венецуела да ја предводат земјата. На тоа мислиме кога велиме дека настаните од изминатите денови претставуваат можност, додаде Пињо. сп/ми/
Фото: МИА Архива