• четврток, 21 ноември 2024

„Еурактив“: Претседателката на Северна Македонија предизвика контроверзии на инаугурацијата 

„Еурактив“: Претседателката на Северна Македонија предизвика контроверзии на инаугурацијата 

Брисел, 13 мај 2023 (МИА) - Првата жена претседател на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова при вчерашната инаугурација ја налути Грција со говорот во кој не го призна новото име на нејзината земја, наведува бриселскиот информативен портал „Еурактив“ во извештајот од церемонијата на полагањето заклетва. 

- Балканската нација го додаде „Северна“ во своето име со историскиот договор во 2018 година, за да стави крај на долгогодишниот спор со Грција. Партијата на Гордана Сиљановска-Давкова, националистичката ВМРО-ДПМНЕ, се спротивстави на договорот и одбива да го признае новото име на земјата, наведува порталот. 

„Еурактив“ потсетува дека „десничарската партија извојува лесна победа на парламентарните и претседателските избори во средата“, при што владејачките социјалдемократи (СДСМ) го признаа поразот уште пред да бидат објавени какви било официјални резултати. 

- Обраќајќи им се на пратениците и на собраните поканети ВИП личности во неделата, Сиљановска-Давкова рече дека „ќе ги почитува Уставот и законите и ќе ги штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија. „Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја извршувам на совесен и одговорен начин“, додаде таа. Официјалниот пишан текст на нејзиното обраќање го вклучуваше официјалното име Северна Македонија, наведува „Еуркатив“. 

Порталот додава дека Сиљановска-Давкова, која во саботата наполни 71 година, беше избрана за претседател со петгодишен мандат, откако обезбеди победа во вториот круг на гласање со 65 отсто од гласовите над шеф на државата во заминување, социјалдемократот Стево Пендаровски, кој освои 29 проценти. 

- Пензионираната универзитетска професорка вети дека ќе биде претседателка на „сите граѓани“, додава „Еурактив“. 

Во текстот се потсетува дека со Договорот од Преспа склучен со Атина во 2018 година, „Скопје го додаде префиксот Северна на своето име“ и стави крај на децениските расправии со Грција, која беше против тоа „нејзиниот сосед да носи исто име како и една од нејзините историски провинции“ и долго време се противеше земјата да стане членка на НАТО - таа конечно се приклучи на Алијансата во 2020 година и ги овозможи разговорите на нејзиниот пат кон евентуално членство во ЕУ. 

- Но, Грција реагираше луто на говорот на новата претседателка, велејќи дека нејзиниот избор на зборови е „еклатантно кршење“ на нивниот Договор. „Грција категорично изјавува дека натамошниот напредок во билатерални односи со Северна Македонија и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и пред се од употребата на уставното име, додаваат од (грчкото) МНР. Според извештаите на локалните медиуми, амбасадорката на Грција во Скопје ја напуштила церемонијата во Парламентот во знак на протест, се додава во текстот. 

„Еурактив“ пренесува и изјава на бугарскиот претседател Румен Радев дека „Бугарија не прифаќа изјави и однесување што се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и со другите меѓународни договори што ги има потпишано Република Северна Македонија“.  

- Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се спроведат. Европската перспектива на Северна Македонија зависи од строгото спроведување на меѓународните договори што ги има потпишано, како и на Преговарачката рамка одобрена од Европскиот совет во јули 2022 година, која нема да биде ревидирана, ја пренесува порталот изјавата на Радев, повикувајќи се на Бугарското национално радио (БНР). 

Со слична изјава, според „Еурактив“, се огласил и привремениот бугарски премиер Димитар Главчев. 

„Еурактив“ пренесува и дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел и честитаа на Сиљановска-Давкова, но и дека упатија пораки за доследна примена на Преспанскиот договор. 

- Фон дер Лајен на Икс, поранешен Твитер, додаде дека Северна Македонија мора да го следи „патот на реформите и целосното почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“ за да го продолжи својот пат кон пристап во ЕУ. Претседателот на Советот, Шарл Мишел, го нарече „многу разочарувачки“ пропуштањето на употребата на уставното име од страна на новата претседателка на Северна Македонија, додава порталот. 

Во текстот натаму се потсетува и дека ВМРО-ДМПНЕ победи на парламентарните избори на 8 мај, освојувајќи 58 од 120-та пратенички места, потиснувајќи го СДСМ, кој е на власт од 2017 година. 

- Враќањето на власт на десницата во сиромашната земја со 1,8 милиони жители создава ризик за повторно разгорување на тензиите со Грција, како и со Бугарија. За време на предизборната кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вети дека ќе остане цврст во ставот кон Бугарија околу јазичните и историските прашања, поради кои Софија ги блокираше преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ во последните две години, се посочува во текстот. 

„Еурактив“ наведува дека Бугарија побара од Скопје да го промени својот Устав „за да го признае бугарското малцинство“ во земјата.  

- Во 2022 година, Бугарија се согласи на предлогот на тогашното француско претседателство со Советот на ЕУ за укинување на ветото за почеток на пристапните преговори на Скопје, кога Северна Македонија ќе го додаде бугарското малцинство во Уставот на земјата. Владејачката СДСМ беше подготвена да ги усвои амандманите, но немаше доволно мнозинство во Парламентот. Предизборниот став на ВМРО-ДПМНЕ беше противење за промена на Уставот, додава „Еурактив“. сп/ац/

Фото: МИА Архива 

 

Остани поврзан