• недела, 22 декември 2024

„Ерсте инвеститорски појадок“: Глобалните прогнози за раст остануваат стабилни и изнесуваат околу 3,2 проценти на среден рок

„Ерсте инвеститорски појадок“: Глобалните прогнози за раст остануваат стабилни и изнесуваат околу 3,2 проценти на среден рок

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) – Светот се уште се соочува со одредени кризни ситуации, но гледаме работите да се подобруваат и да тргнат во попозитивна насока. Ние тука сме навикнати да функционираме во вакви ситуации и понатаму се соочуваме со различни макроекономски предизвици, а економскиот амбиент е под влијание на домашни и надворешни фактори. Последните очекувања за следниот период покажуваат тенденции на надолна ревизија на инфлациските очекувања, што укажува на подобрување на економските услови, а аналитичарите предвидуваат умерен раст на БДП, истакна Нина Неданоска, заменик претседателката на Управен одбор на Шпаркасе банка АД Скопје, на деловниот настан „Ерсте инвеститорски појадок“ што се одржува во Скопје по 11. пат.

Сепак, како што рече, постои свест за ризици кои можат да произлезат од глобалните економски услови, конфликти и климатски промени кои може да влијаат на економската активност.

-Планираното зголемување на странските и домашните инвестиции, особено во индустријата и инфраструктурата, би можело да ја поттикне економската активност, а секако постепеното забавување на инфлацијата и зголемената инвестициска активност се идентификувани како фактори кои може позитивно да влијаат на домашната економија, оцени Неданоска.

Нагласи дека се очекува намалувањето на каматните стапки да доведе до забрзување на инвестицискиот циклус и до зголемување на кредитната активност, но додаде дека кредитната активност кај нас и во изминатите неколку години беше на завидно ниво.

-Постои оптимизам дека зголемените инвестиции и контролата на инфлацијата може да создадат  услови за позитивен економски напредок, порача Неданоска.

Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, посочи дека најновите податоци покажуваат дека глобалните прогнози за раст остануваат стабилни и изнесуваат околу 3,2 проценти од 2024 до 2029 година, но тоа, како што кажа, е под просекот за глобалната економија. 

-Тоа укажува дека се случиле штети во потенцијалот за глобален раст. Се гледа приспособување на глобалната инфлација, која е пониска за две третини во споредба со највисоките вредности, но постојат ризици како цените на основните производи, проблемите со климата и пошироките геополитички тензии кои може повторно да влијаат врз неа, рече Митреска и додаде дека глобалната стапка на инфлација е намалена од 9,9 на 2,6 проценти.

Во земјава, пак, како што рече, инфлацијата е намалена од максималните 19,8 на 2,6 проценти, а базното предвидување за македонската економија е дека инфлацијата ќе се врати на историскиот просек.

-Сепак постојат ризици за зголемување на инфлацијата, а еден од нив е растот на платите и влијанието на цените на храната и енергијата во потрошувачката кошничка, како и влијанието на глобалните шокови, рече Митреска и нагласи дека цените на домашната храна не ги следат цените на храната на глобалниот пазар.

Тоа, како што рече, покажува дека има ригидност на пазарот што се забележува на терен.

-Во 2022 и 2023 година профитот на компаниите се зголемил. И покрај шоковите и предизвиците корпоративниот сектор бил во позиција да ги подобри своите резултати. Тоа значи дека профитот во последните неколку години се зголемува и се додава на стапката на инфлација. Во зависност од тоа како ќе се однесува корпоративниот сектор во наредниот период овие маржи може да укажуваат дека фирмите ќе ги зголемуваат цените за работна сила и платите ќе се прелеат на инфлацијата, рече Митреска. 

Истакна дека растот на домашното штедење во последните години во земјава покажува дека има доверба во домашната валута и во банкарскиот систем.

Рајнер Сингер, раководител на Главните пазари и кредитни истражувања на Erste Group Bank AG порача дека се гледаат знаци дека европската економија заздравува, но, како што рече, заздравува со прилично ниско темпо.

-Распределбата на растот е доста нееднаква низ еврозоната. Изненадување е Германија која по долг период на слаби економски резултати повторно покажа раст што дава одредени знаци на надеж и оптимизам. Се уште не можеме да зборуваме за закрепнување, но сепак има потенцијал, рече Сингер. 

Инфлацијата, како што посочи, во еврозоната се намалува секаде освен кај храната, а нејзиното намалување генерално доаѓа од намалувањето на цената на енергетските ресурси. Се предвидува раст на БДП од 0,6 проценти за годинава, а инфлацијата да се намали од 2,4 до 1,9 проценти.

-Американската економија се уште добро се  држи и процентот на раст е над 2,5 проценти. Има одредени знаци и индикации за забавување и намалување на темпото на зголемена потрошувачка која е една од главните причини за растот што значи дека растот на економијата ќе забави. Инфлацијата се движи во вистинска насока и има подобрување, посочи Сингер и додаде дека во иднина ќе се види како ќе влијаат најновите случувања со избор на претседател на САД врз инфлацијата и курсот на доларот.

Ризикот за инфлаторни политики, како што рече, е зголемен со победата на Републиканците во САД зашто Трамп бара повисоки трговски тарифи што ќе влијае на цените.

-Правата реакција е посилен долар, потенцира Сингер и додаде дека доколку има поголем јавен дефицит и поголема политичка несигурност ќе се предизвика зголемување на ризикот за доверба во хартиите од вредност.

На традиционалниот настан финансиски и економски експерти од регионот и пошироко разменуваат идеи и споделуваат искуства за клучните економски прашања што ја определуваат иднината на локалниот и глобалниот пазар, како и за најновите економски трендови и инвестициски перспективи. вј/ац/

Фото: МИА

 

Остани поврзан