• понеделник, 16 јуни 2025

Ердоган: На повидок укинување на американските санкции кон Турција

Ердоган: На повидок укинување на американските санкции кон Турција

Истанбул, 17 мај 2025 (МИА) – Американските санкции против турскиот одбранбен сектор се олеснети под претседателот Доналд Трамп и веројатно ќе бидат укинати, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

- Можеме лесно да кажеме дека доаѓа до олеснување на санкциите, рекол Ердоган пред новинарите во авионот со кој се враќаше од европскиот самит во Албанија, пренесе Бета.

Ердоган додаде дека се води „поконструктивен“ дијалог со администрацијата на Трамп, оценувајќи дека Турција „многу побрзо ќе го надмине“ тој процес на санкции.

Американските власти во 2020 година воведоа санкции кон Турција, сојузник во НАТО, бидејќи Анкара купи руски систем за противвоздушна одбрана С-400.

Одлуката, која ги влоши односите меѓу двете земји, беше донесена во согласност со законот што го усвои Конгресот во 2017 година за да се „спротивстави на американските противници преку санкции“ и да го ограничи влијанието на Русија во одбранбениот сектор.

Вашингтон исто така ја исклучи Анкара од програмата за борбени авиони Ф-35, сметајќи дека присуството на системот С-400 ќе и овозможи на Русија да собира информации за капацитетите на тие летала.

Ердоган рече дека Турција го покренала прашањето за санкциите со Доналд Трамп и неговиот нов пратеник во Анкара, Том Барак.

- Со мојот пријател Трамп на чело на земјата, воспоставивме поотворена, поконструктивна и поискрена комуникација за тие прашања, рече Ердоган и додаде дека Турција го цени „секој позитивен чекор во таа насока“.

Турскиот претседател изрази уверување дека неговата земја „побрзо ќе ги надмине санкциите“.

- Како два главни сојузници во НАТО (САД и Турција), не треба да има никакви ограничувања или пречки во одбранбениот сектор меѓу нас, додаде Ердоган.

Според него, партнерството на Турција со САД е од „животно значење за воспоставување стабилност во нашиот регион и во светот“.

Ердоган во март разговараше со Трамп за потребата од финализирање на договорот што ќе и овозможи на Турција да купи американски борбени авиони Ф-16 и повторно да биде примена во програмата за развој на авионите Ф-35.

Турција сака да ја модернизира својата воздушна флота и исто така сака да купи 40 авиони „Јурофајтер тајфун“, кои ги произведува компанија – конзорциум во кој учествуваат Германија, Велика Британија, Шпанија и Италија. јт/

Фото: Анадолија

Остани поврзан