Ердоган во Багдад: Потпишаните договори се пресвртница во односите меѓу Турција и Ирак
- Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган, по средбата во Багдад со ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани, рече дека Стратешкиот рамковен договор потпишан меѓу Турција и Ирак претставува „цврст патоказ“, пренесува Анадолија.
Багдад, 22 април 2024 (МИА) - Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган, по средбата во Багдад со ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани, рече дека Стратешкиот рамковен договор потпишан меѓу Турција и Ирак претставува „цврст патоказ“, пренесува Анадолија.
„Верувам дека мојата посета и договорите кои штотуку беа потпишани ќе претставуваат нова пресвртница во односите меѓу Турција и Ирак“, рече Ердоган на прес-конференција по средбата со ирачкиот премиер Ал Судани во Багдад, главниот град на Ирак.
По средбата на Ердоган и Ал Судани, беше потпишан меморандум за разбирање во врска со соработката на проектот за развојен пат меѓу Ирак, Турција, Катар и Обединетите Арапски Емирати. (ОАЕ).
„Стратешкиот рамковен договор за заедничка соработка што го потпишавме со премиерот (Ал Судани) претставува силен патоказ, рече Ердоган.
Осврнувајќи се на средбите со премиерот Судани и со претседателот на Ирак Абдул Латиф Рашид, Ердоган рече дека соработката во областа на безбедноста и борбата против тероризмот е една од најважните точки на дневниот ред.
Тој додаде дека Турција го поздравила прогласувањето на ПКК за забранета организација во Ирак. „Разговаравме за можни заеднички чекори против терористичката организација ПКК и нејзините ограноци, кои ги гаѓаат Турците од ирачка територија“, подвлече Ердоган.
Двајцата лидери се осврнаа и на израелските напади врз Газа.
- Разговарав со моите ирачки колеги за последиците од израелското насилство во Палестина врз нашиот регион и се консултирав за заедничките чекори што можеме да ги преземеме, рече Ердоган.
Во контекст на зголемените тензии меѓу Иран и Израел, Ердоган ги потсети сите релевантни страни да избегнуваат чекори кои водат до ескалација на тензиите.
Посетата на Ердоган на Ирак продолжува во Ербил. ссм/
фото: ЕПА