ЕП одлучи да побара мислење од Европскиот суд на правдата за законитоста на договорите со Меркосур
- Европскиот парламент денеска со тесно мнозинство донесе одлука да достави барање до Европскиот суд на правдата за мислење околи усогласеноста на Договорот за партнерство и на Привремениот трговски договор меѓу ЕУ и Меркосур со основачките документи на ЕУ.
Стразбур, 21 јануари 2026 (МИА) – Европскиот парламент денеска со тесно мнозинство донесе одлука да достави барање до Европскиот суд на правдата за мислење околу усогласеноста на Договорот за партнерство и на Привремениот трговски договор меѓу ЕУ и Меркосур со основачките документи на ЕУ.
Иницијативата со која се „изразува загриженост“ дека склучените спогодби со Меркосур „може да бидат некомпатибилни“ со член 218 став 2 и 4 од Договорот за функционирање на ЕУ, како и со принципот на институционална рамнотежа и искрена соработка согласно член 4 став 3 и член 13 став 2 од Договорот за ЕУ, беше поддржан со 334 гласа „за“, 324 „против“ и 11 „воздржани“.
Во иницијативата, предложена од пратеници од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералите, Зелените и Левицата, се изразува загриженост дека насоките за преговори можеби не се почитуваат, што може да влијае на правилата за гласање во Советот и да ги спречи националните парламенти да го имаат својот легитимен збор за договорите.
Од друга страна, сличната иницијатива предложена од пратеници од Патриоти за Европа (ПФЕ) и Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), со која се предлагаше да се побара мислење од Судот дали „постои правна несигурност во однос на тоа дали предложените спогодби се компатибилни со членовите 4, 5 и 21 од Договорот за ЕУ и членовите 7, 11, 39, 191, 207 и 218 од Договорот за функционирање на ЕУ, беше одбиена со 225 гласа „за“, 402 „против“ и 13 „воздржани“.
Европратениците, при денешното гласање со 632 гласа „за“, 15 „против“ и девет „воздржани“ го усвоија и Извештајот за позицијата на Европскиот парламент за законскиот предлог за правата на патниците во воздушниот сообраќај.
Наспроти барањата на земјите членки за ограничување на овие права, Парламентот инсистира на нивно зачувување и зајакнување во интерес на патниците во воздушниот сообраќај.
Со позицијата на ЕП се предлага задржување на висината на надомест за доцнење на лет повеќе од три часа, да им се дозволи на патниците во авионската кабина бесплатно да внесат еден мал рачен багаж, како и на лица кои придружуваат децата под 14 години и патниците со намалена подвижност да им се дозволи да седат до нив без наплата на дополнителни трошоци.
Дополнително, Парламентот со 499 гласа „за“, 135 „против“ и 24 „воздржани“ го усвои и Предлогот за зајакната соработка за исплата на заемот за Украина, а со 565 гласа „за“, 83 „против“ и 14 „воздржани“ го поддржа и Договор за оперативни активности на Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс) меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина. сп/сд/
Фото: МИА Архива