• недела, 22 декември 2024

ЕПП и Фон дер Лајен во трка по гласови за обезбедување мнозинство во Европарламентот 

ЕПП и Фон дер Лајен во трка по гласови за обезбедување мнозинство во Европарламентот 

Брисел, 14 јули 2024 (МИА) - Европска народна партија (ЕПП) е оптимист дека нејзината кандидатка Урсула фон дер Лајен ќе го обезбеди потребното мнозинство при гласањето во Европскиот парламент на 18 јули за да биде реизбрана за претседателка на Еврокомисијата. 

Иако, трите групации од т.н. „проевропско мнозинство“ што застанаа зад номинацијата на Фон дер Лајен – ЕПП, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите и либералната група „Да ја обновиме Европа“ заедно имаат 401 европратеник или 40 повеќе од неопходните 361 за нејзин реизбор, сепак раководството на партијата не сака ништо да препушти на случајот и се обидува обезбеди сигурно мнозинство на гласови. 

Ова од причина што гласањето е тајно и им овозможува на европратениците да не ги почитуваат насоките на нивните пратенички групи и да гласаат по сопствено убедување. Се проценува дека околу 15 проценти од европратениците на мнозинството нема да гласаат за реизборот на Фон дер Лајен, вклучително и членови на нејзината ЕПП. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, таква можност веќе најави француската партија Републиканци (ЛР) уште при нејзиниот избор за „шпиценкандидат“ на ЕПП на партискиот конгрес во Букурешт. Претставник на ЛР тогаш изјави дека нејзините европратеници нема да гласаат за реизбор на Фон дер Лајен „како што не гласале ни во 2019“, сметајќи ја за кандидат на нивниот политички опонент, францускиот претседател Емануел Макрон. Кон нив би можеле да се продадат и европратеници од шпанската Народна партија (ПП), Австриската народна партија (ОВП) и Словенечката демократска партија (СДС), кои исто како и ЛР се членки на ЕПП. 

Европратениците денеска ги одобрија плановите за зголемување на производството на муниција и ракети во ЕУ и побрзо снабдување на Украина со муниција, објави Европскиот парламент

При нејзиниот избор во 2019 година, Фон дер Лајен доби 383 гласа, иако „проевропското мнозинство“ во имаше 443 пратеници. За избор тогаш беа потребни 374 гласа, а мнозинството беше обезбедени благодарение на гласовите на италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), кое не е член на ниту една групација. 

Ако се задржи ваквиот тренд и се остварат очекуваните 15 проценти „непослушни европратеници“, Фон дер Лајен би можела да биде во проблем при обезбедувањето на потребното мнозинство, па затоа ЕПП се труди да обезбеди гласови надвор од трите групации од мнозинството.  

Во текот на кампањата за европските избори претставници на ЕПП, вклучително и партискиот претседател Манфред Вебер, а и самата Фон дер Лајен, не ја исклучуваа можноста за соработка со „здравите елементи“ од десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), алудирајќи пред се на Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони и на Граѓанската демократска партија (ОДС) на чешкиот премиер Петр Фиала. Таквата соработка првенствено се однесуваше на можноста за поддршка од овие партии при реизборот на Фон дер Лајен. 

Сепак, ваквата можност сега изгледа помалку веројатна имајќи предвид дека при номинирањето на Фон дер Лајен за реизбор во Европскиот совет, Мелони беше воздржана. Дополнително, СД и либералите се изјасни против каква било соработка со ЕЦР и пред се со Мелони, па евентуален договор со нив би претставувал ризик за губење на гласовите на европратениците од мнозинството, пред се на социјалдемократските. 

Водечката европска политичка групација, Европската народна партија (ЕПП) денеска гласаше за поддршка на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за нејзин втор мандат, а пр

Затоа за ЕПП побезболно решение би било да побараат поддршка од групата на Зелените, кои не ја кријат амбицијата да станат „рамноправен член на мнозинството“. Извори во оваа групација најавија дека нивните европратеници се подготвени да ја поддржат Фон дер Лајен доколку таа се обврзе дека нема да отстапи од спроведувањето на Зелениот договор, кон кои резерви имаат партиите од десницата, вклучително и некои од членките на ЕПП. 

Во предизборието генералниот секретар на ЕПП, Танасис Баколас во едно интервју се заложи за прифаќање на Зелените во „проевропското мнозинство“. - Мислам дека ЕПП, социјалистите, либералите и зелените се политички елементи во ЕУ кои гарантираат дека нашата Унија се движи во вистинската насока, рече Баколас. 

Меѓутоа, координаторот за земјоделство на ЕПП, Херберт Дорфман, неодамна изјави дека Фон дер Лајен „не треба да бара поддршка од Зелените“ за да избегне повторување некои ситуации од минатото поврзани со еколошки прашања и „запоставување“ на земјоделците. 

Извор во ЕПП оцени дека има „проблем со довербата“ меѓу партијата и Зелените. - Не можеме да им веруваме дека целосно ќе не поддржат, посочи претставникот на ЕПП. 

Според него, главната разлика меѓу нив е ставот околу на Зелениот договор – Зелените инсистираат на негово целосно спроведување, додека ЕПП е за „прагматичен“ пристап во неговата имплементација. 

- Зелениот договор е закон и сите го признаваат, но при неговото спроведување треба да се има предвид и економската перспектива, посочи претставникот на ЕПП. 

Копретседателката на Зелените, Тери Рајнтке, пак, оцени дека во самата ЕПП постои „поделба“ околу тоа каде да се бара поддршка за реизбор на Фон дер Лајен, при што дел од партиите членки повеќе преферираат договор со ЕЦР, отколку со зелениот блок. 

- Мислам дека таму има многу различни позиции за ова прашање и се ќе зависи од тоа која страна ќе надвладее во оваа внатрешна борба во ЕПП, изјави Рајнтке. 

Европратеникот Удо Булман од Социјалдемократската партија на Германија (СПД) изјави дека поддршката за реизборот на Фон дер Лајен ќе зависи од нејзиното ветување да се придржува на неколку принципи, бидејќи таа и при изборот во 2019 имала „прекрасен говор“, кој немал никаква врска со она што следувало потоа. 

- Зошто не ја повикуваме да се придржува на неколку принципи? Каква да биде поделбата на моќта, како да се организира управувањето во Комисијата, како да се организира рамнотежа што ќе ги вклучува СД, либералите, зелените заедно со ЕПП, додаде Булман. 

Тој изјави дека го поддржува вклучувањето на Зелените во „проевропското мнозинство“ како уште една „продуктивна сила“, порачувајќи и на Фон дер Лајен да ги прочита „сигналите“ од изборите во Велика Британија и Франција, каде најмногу пратеници освоија партиите од левицата. 

- Нека се држи подалеку од Мелони и да го следи советот да биде кандидат на проевропските сили, истакна Булман. 

Партијата на европските социјалисти (ПЕС) изразува разочаруавње поради бугарската блокада на стартот на преговорите за членство Северна Македонија во ЕУ, порачувајќи дека политичката мудрост

Социјалдемократите, меѓу другото, поддршката за реизбор ја условуваат со забрана на моторите со внатрешно согорување во новопроизведените автомобили од 2035 година, на што се противат германските либерали кои оценија дека доколку не се поништи одлуката за оваа забрана тоа би претставувало „гигантска изборна измама“.  

Извори во групата на либералите оценуваат дека во Фон дер Лајен гледаат „единствена алтернатива“ за блокирање на екстремната десница, но посочуваат дека во обид да обезбеди доволно гласови за реизбор таа ветила „многу различни работи на многу различни луѓе“, што може да има контраефект. 

Дополнително, против реизборот на Фон дер Лајен се изјаснија и ирските либерали, поради, според нив, нејзиниот „отворено произраелски став“. Сепак, извор во блокот на либералите изрази оптимизам дека Ирците сепак ќе го поддржат нејзиниот реизбор.   

- Гласањето е тајно, па би било штета ако добие гласови од СД, „Да ја обновиме Европа“ или дури и од EЦР, а сепак изгуби поради внатрешни несогласувања во нејзината партија, додаде истиот извор. 

Според аналитичарите, доколку Фон дер Лајен не го обезбеди потребното мнозинство за реизбор тоа ќе претставува тежок удар за нејзината натамошна кариера, но и „катастрофа“ за кредибилитетот на Унијата и ќе ги принуди лидерите на ЕУ да бараат алтернатива за неа. 

 „Треба да признаеме дека и покрај постојаната посветеност кон интеграцијата во ЕУ ... луѓето во регионот доживуваат чувство на длабоко разочарување во процесот на проширување“, се вели во до

Тие сметаат дека таквото сценарио, кое би било без преседан, може да предизвика политичка криза, особено затоа што нема ниту еден друг кандидат кој со сигурност не би можел да добие поддршка и во Советот на ЕУ и Европскиот парламент. 

Токму стравот од хаос и потребата за политичка стабилност во услови на војната во Украина, унгарското претседавање со ЕУ и можната промена во американската администрација во ноември, одат во прилог на Фон дер Лајен. 

Поранешниот претседател на Еврокомисијата Жозе Мануел Барозо, кој во два мандати раководеше со извршното тело на ЕУ, оцени дека изборот на прв човек на ЕК претставува вистински предизвик затоа што тајното гласање им овозможува на европратениците да бидат „независни“ при изјаснувањето. 

Тој во интервју минатата недела изјави дека има некои луѓе кои никогаш нема да гласаат за Фон дер Лајен, затоа што едноставно не сакаат Европската Унија да функционира. За среќа, според Барозо, има другите луѓе кои сакаат Европската унија да функционира и тие ќе ја поддржат, затоа, што како што нагласи, „не постои соодветна алтернатива за Урсула фон дер Лајен“. 

Во меѓу време, во обид да го осигура потребното мнозинство, Фон дер Лајен не отпатува на Самитот на НАТО, што се одржа во Вашингтон од вторникот до четвртокот, туку, како што информира главниот портпарол на Европската комисија, Ерик Мамер, се фокусира „на создавање мнозинство во Европскиот парламент за силна Европа“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан