• сабота, 25 мај 2024

Енергетската соработка во фокусот на средбата на шефовите на дипломатиите на Кипар, Грција и Израел

Енергетската соработка во фокусот на средбата на шефовите на дипломатиите на Кипар, Грција и Израел

Никозија, 31 март 2023 (МИА) Важноста на трилатералната соработка во енергетските прашања ја истакнале министрите за надворешни работи на Кипар, Грција и Израел, Константинос Комбос, Никос Дендиас и Ели Коен за време на нивната денешна средба во Никозија, објавија кипарските медиуми.  

Министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос во изјавата по средбата го потенцирал значењето на енергетската соработка на трите земји за стабилноста во регионот, особено по војната во Украина и додал дека „EuroAsia Interconnector“ и „EastMedPipeline“ остануваат две важни стратешки опции на нивната енергетска агенда.

Паралелно, ги информирал неговите колеги за кипарското прашање и неодамнешната иницијатива на кипарскиот претседател.

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас се осврнал на трилатералната соработка и веќе воспоставените синергии во многу области, вклучувајќи ги технологијата, иновациите, прашањата за водните ресурси, борбата против тероризмот и енергијата и истакнал дека целта на Грција е да стане енергетски центар за снабдување со природен гас и електрична енергија, како на земјата, така и на регионот .

Дополнително, ги информирал министрите за надворешни работи на Кипар и Израел за подобрената клима во грчко- турските односи.

Министерот за надворешни работи на Израел Ели Коен ѝ се заблагодарил на Грција за помошта во неодамнешното разбивање на планот за терористички напад врз еврејски цели.

Во однос на енергетиката, рекол дека трите земји можат да играат важна улога во регионот.

На денешната средба на министрите за надворешни работи, биле направени подготовки за трилатералната средба на ниво на лидерите на трите земји, чиј домаќин на крајот на годината ќе биде Никозија.ср/

Фото: Министерство за надворешни работи на Грција

Остани поврзан