• петок, 30 август 2024

Енергетската криза во фокусот на политичката академија „Стратегија и визија во време на кризи“

Енергетската криза во фокусот на политичката академија „Стратегија и визија во време на кризи“
Охрид, 28 октомври 2022 (МИА) - Обновливите извори на енергија, заштитата на животната средина, војната во Украина и предизвиците кои претстојат, ќе бидат тема на Политичката академија 2022 „Стратегија и визија во време на кризи“, што од денеска до недела се одржува во Охрид во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“. Претседателот на фондацијата Даниел Браун смета дека во државата се потребни реформи за модернизација во енергетскиот сектор и подигање на свеста кај младите во однос на тоа прашање, забележувајќи на недоволна искористеност на сончевата енергија. - Можеби оваа зима ќе се најдеме во ситуација да има недостиг на струја и греење. Она што се забележува е дека ова е земја во која има над 200 сончеви денови, а се уште не гледам доволно фотоволтаици кои ја користат оваа сончева енергија. Треба да се работи на свеста кај луѓето особено, ако ја поминете зимата во Скопје ја забележувате таа загаденост, а ако дојдете од Германија во Скопје, тогаш е уште поочигледно колку многу е загаден воздухот, рече Браун. Учесниците на настанот, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе имаат можност да учат од примери кои се применуваат во Германија. - Ќе разговараме за енергетската криза која не е проблем само во Македонија, иако кај нас тој проблем е огромен, но и како полека се трансформира во финансиска и економска криза, перспективите и планот и визијата во иднина. Се надевам дека ќе можеме како заклучок да донесеме некои нови предлог мерки, кои преку пратениците ќе ги доставиме во Парламентот, а како политичка партија на следните избори ќе ги преточиме во програмски одредби, изјави Мицкоски пред почетокот на настанот. Како дел од решенијата за надминување на енергетската криза тој смета дека е зелената енергија, која, како што рече, прв пат почнала да се поддржува во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. - ВМРО ДПМНЕ како влада прв пат почна со поддршка на проекти кои се од обновлива енергија, како водата, ветерот, сонцето, биомасата... И во иднина ВМРО-ДПМНЕ ќе биде носител на економскиот развој на македонската држава, така ќе биде и во следниот мандат на Владата, кога фокусот ќе биде во енергетиката, економијата, финансискиот сектор, но и реформите во образованието и здравството, рече Мицкоски. сс/сп/ https://www.youtube.com/watch?v=f2H7ZpRIRtQ

Остани поврзан