Ел Ануни: Унгарија е должна да постапува по налозите за апсење на МКС
- Повлекувањето што ќе стапи во сила една година по оваа ситуација нема никакви ефекти врз обврската на државата за соработка во однос на истрагите и постапките што започнале пред тој датум, рече Ел Ануни.
Брисел, 17 октомври 2025 (МИА) - Одлуката на Унгарија за повлекување од Римскиот договор за Меѓународниот кривичен суд (МКС) стапува во сила од следната година, па таа е должна да ги почитува претходно преземените обврски, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни во одговор на новинарско прашање дали Брисел очекува земјата да постапи по налогот на МКС за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, доколку тој допатува во Будимпешта на најавената средба со претседателот на САД, Доналд Трамп.
- Да бидеме јасни, повлекувањето што ќе стапи во сила една година по оваа ситуација нема никакви ефекти врз обврската на државата за соработка во однос на истрагите и постапките што започнале пред тој датум, рече Ел Ануни.
Тој додаде дека и Европскиот совет во 2023 година ги повика сите држави целосно да соработуваат со Меѓународниот кривичен суд, вклучително и преку спроведување на налозите за апсење.
- ЕУ го поддржува Меѓународниот кривичен суд и принципите утврдени во Римскиот договор. Ги почитуваме и независноста и непристрасноста на Судот и сме цврсто посветени на меѓународната кривична правда и борбата против неказнивоста, додаде Ел Ануни.
На прашање, пак, дали Путин воопшто би можел да допатува во Будимпешта, имајќи предвид дека опфатен со режимот на санкции на ЕУ поради неговата улога во поткопувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, главната портпаролка на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер појасни дека со овие мерки на рускиот претседател и на шефот на дипломатијата Сергеј Лавров само им се замрзнати средствата во Унијата, а дека за нив конкретно нема забрана за патување во земји членки на блокот.
Во однос пак на забраната за руски авион да летаат во воздушниот простор на ЕУ, Хипер истакна дека земјите членки би можеле да направат отстапка и дозволат на „потенцијални делегации“ да летаат над нивна територија.
- Но, одлуките за таквите отстапки мора да ги донесат земјите членки самостојно, додаде Хипер. сп/ми/
Фото: МИА Архива