• вторник, 07 јануари 2025

Елитните центри за вежбање стануваат нови места за лобирање во Брисел 

Елитните центри за вежбање стануваат нови места за лобирање во Брисел 

Брисел, 5 јануари 2025 (МИА) – Елитните хотели и ресторани повеќе не се најважните локации за лобирање во ЕУ, туку тие постепено ова место им го препуштаат на салите за вежбање, при што лобистите го темпираат својот распоред за вежбање со оној на еврокомесарите и останатите високи претставници на институциите на Унијата. 

Така, „муабетот“ со чашка алкохол или вино ја губи својата привлечност пред вежбањето кое има се поголемо значење во секојдневниот живот. 

Консултантот на бриселската маркетинг агенција „Одржливи јавни работи“ (СПА), Алекс Брејли во изјава за „Политико“ вели дека иако можеби оваа појава „не е нужно намерна, таа сепак функционира во Брисел“. 

- Луѓето што ги среќавате додека спортуваат, порано или подоцна, може да станат ваш професионален контакт, без разлика дали сте го планирале тоа или не, смета Брејли. 

Според косопственик на елитен центар за вежбање во Брисел, тие им овозможуваат на клиентите не само да ги усовршат нивните стомачни мускули, туку и да ги зајакнат нивните мрежи на познанства, имајќи предвид дека меѓу оние што доаѓаат кај нив има „ценети адвокати и искусни службеници од институциите на ЕУ“. 

- Ширењето на познанства не е ново. Дали тоа се случува и во луксузни клубови и во центри за вежбање? Одговорот е да, вели тој. 

Сопственици на друг центар за вежбање, кој има свои клубови на три локации во Брисел, на почетокот на годинава планира да отвори и четврт објект во реонот на т.н. „Европски кварт“, каде што се наоѓаат зградите на институциите на ЕУ и кој покрај традиционалниот простор за тренинг, ќе има и спа центар, ресторан, кафуле, па дури и сала за состаноци. 

Според нив, атмосферата во овој објект е замислена како „хибрид помеѓу хотелско лоби и простор за соработка“, каде некој клиент би можел да отиде да вежба во 7 часот наутро, да запознае некого за време на појадокот и да ја провери својата електронска пошта, пред да се упати кон канцеларијата. 

Истражувачката од Католичкиот универзитет од Лувен, Сане Питерс смета дека кога одат во елитна вежбална луѓето претпоставуваат дека ќе сретнат свои истомисленици. 

- Ова е нешто што е многу покарактеристично кај центрите за вежбање од елитна класа, отколку кај оние во кои се вежба за 20 евра месечно, вели Питерс, посочувајќи дека луѓето почнаа да му придаваат важност на вежбањето во „премиум фитнес места”. 

За таа цел, елитните центри за вежбање прават напори да обезбедат дополнителни услуги со цел да ги задржат клиентите што подолго време во нивните објекти, со што се зголемува и веројатноста за запознавање и воспоставување на деловни контакти. 

- Се запознавате со инструкторот, се запознавате со други луѓе, среќавате некого во клубот кој ужива во истите работи или активност како вие и така се поврзувате, вели сопственик на елитен центар за вежбање. 

Но, не се сите расположени да разговараат за законски амандмани и носењето одлуки додека тренираат, па многу претставници на европските институции ги темпираат своите тренинзи во период кога нема навалици во центрите за вежбање и сакаат да се држат до максимата „да бидеме на исто место во исто време, но да не се обидуваме да си пристапуваме едни на други“. сп/

Фото: Бејзик Фит

Остани поврзан