• сабота, 16 ноември 2024

Елиминацијата на Наполи во Лигата на шампионите донесе радост во Јувентус

Елиминацијата на Наполи во Лигата на шампионите донесе радост во Јувентус

Торино, 13 март 2024 (МИА) - Екипата на Јувентус и официјално се пласираше на првото издание на обновеното Светско клупско првенство, кое следната година ќе се одржи во САД, соопшти ФИФА.

Учеството на „Старата дама“ на престижниот турнир беше загарантирано по елиминацијата на Наполи во осминафиналето од Лигата на шампионите, како и по елиминацијата на Лацио една недела претходно. Токму овие два тима имаа шанса да ја освојат втората италијанска квота за Светското клупско првенство, но за тоа мораа да одат подалеку од првото елиминациско коло на ШЛ.

Интересно, Јувентус успеа да се квалификува во натпреварувањето и покрај тоа што оваа сезона не му беше дозволено да учествува во Лигата на шампионите, која е единствениот европски турнир кој дава бодови во рангирањето кое ги одредува учесниците на шампионатот во САД. Самото рангирање на гигантите од Торино за турнирот ќе им донесе приходи од околу 50 милиони евра само од наградниот фонд.

„Бјанконерите“ станаа десеттиот европски тим кој се квалификува за Светското клупско првенство, по Челси, Реал Мадрид, Манчестер Сити, Баерн Минхен, Пари Сен Жермен, Интер, Порто, Бенфика и Борусија Дортмунд.

Остануваат само уште две слободни квоти за Стариот континент. Едната ќе оди во Атлетико Мадрид или Барселона, а другата во РБ Салцбург, освен ако ПСВ Ајндховен сензационално не го освои актуелното издание на ШЛ.

Секоја земја има право на најмногу два претставника, а вкупниот број на тимови на Светското клупско првенство е 32. дс

Фото: Архива

Остани поврзан