ЕК ја одобри граѓанската иницијатива „Етика, транспарентност и интегритет за европските политички партии“
- Со иницијативата се предлага Комисијата да предложи законски акт за „измена и заострување“ на Регулативата на ЕУ за европските политички партии и фондации и воведување „построги барања во однос на судирот на интереси, транспарентноста, донесувањето одлуки, неетичкото однесување и финансирањето“.
Брисел, 5 јануари 2026 (МИА) – Европската комисија денеска донесе одлука да ја регистрира европска граѓанска иницијатива насловена „Етика, транспарентност и интегритет за европските политички партии“, со која се бара воспоставување на „европски модел на етичко управување заснован на транспарентност, интегритет и споделена одговорност“.
Со иницијативата се предлага Комисијата да предложи законски акт за „измена и заострување“ на Регулативата на ЕУ за европските политички партии и фондации и воведување „построги барања во однос на судирот на интереси, транспарентноста, донесувањето одлуки, неетичкото однесување и финансирањето“.
Комисијата оцени дека иницијатива ги исполнува формалните услови утврдени во релевантното законодавство на ЕУ и дека е правно прифатлива според Регулативата за европската граѓанска иницијатива.
Во соопштението на Комисијата се нагласува дека во оваа фаза таа не ја анализирала суштината на предлогот и дека нејзиното денешно решение не ја прејудицира конечната одлука во однос иницијативата, која прво ќе треба да биде поддржана од најмалку еден милион граѓани на ЕУ.
Со денешната одлука на ЕК, предлагачите на иницијативата имаат рок од шест месеци да започнат со собирање потписи. Процесот на собирање потписи ќе трае најмногу 12 месеци и во тој период за иницијативата треба да биде обезбедена поддршка од најмалку еден милион жители на ЕУ што живеат во најмалку седум земји членки.
Инструментот Европска граѓанска иницијатива е воведена со Лисабонскиот договор, како алатка за покренување законски предлози од страна на граѓаните, кои треба да бидат во рамки на овластувањата на Комисијата, да не се очигледно злоупотребувачки или лекомислени и да не се во спротивност на вредностите на Унијата.
Од воведувањето на овој инструмент, Комисијата досега регистрираше 125 европски граѓански иницијативи. сп/сд/
Фото: МИА Архива