• сабота, 08 јуни 2024

ЕК ја засилува соработката во граничната контрола со Бугарија и Романија 

ЕК ја засилува соработката во граничната контрола со Бугарија и Романија 

Брисел, 4 март 2024 (МИА) – Европската комисија денеска постигна договор со Бугарија и Романија за две рамки за соработка во управување со границите и миграцијата, кои ќе се надоврзат на пилот-проектите со двете земји за побрзи процедури за азил започнати во март 2023 година и кои ќе овозможуваат премин од ад хок кон одржливи решенија. 

- Бугарија и Романија дадоа нов поттик на заедничките напори во управувањето со надворешните граници и миграцијата. Преку рамките за соработка договорени денеска, двете земји дополнително ќе придонесат за заедничките европски напори за справување со безбедноста на ЕУ на надворешните граници и миграциските предизвици, соопшти Еврокомисијата.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, фокусот во соработката ќе биде ставен на поддршката за засилени мерки во областа на граничното управување, азилот, системот за враќање на мигрантите и засилената полициска соработка во Шенген зоната, како и на започнување на подготовки за спроведување на Новиот пакт за миграција и азил во Бугарија и Романија, особено во однос на националните планови за имплементација. 

Рамките за соработка се базираат на премисата дека законодавство за Шенген зоната ќе биде целосно применливо во Бугарија и Романија и дека од 31 март 2024 година контролите на внатрешните европски воздушни и поморски граници ќе бидат укинати. Наспроти ова, тие вклучуваат и активности за понатамошно зајакнување на полициската соработка во справување со прекуграничните предизвици. 

Како дел од активностите за поддршка на имплементацијата на рамките, Европската комисија најави финансиска поддршка од 85 милиони евра од Инструментот за гранично управување и визи за периодот 2021-2027 година, со цел подобрување на националните капацитети на надворешните граници на ЕУ.  

Бугарија и Романија сега ќе можат да аплицираат и за дополнително финансирање за продолжување или надградба на постоечките системи за граничен надзор, како и за набавка на превозни средства и оперативна опрема, вклучително и камери за детекција на движење и на топлина. 

Во март 2023 година ЕК започна два пилот проекти со Бугарија и Романија, по што во октомври беше направен преглед на активностите, при што беа констатирани видливи резултати во процедурите за азил, ефикасно враќање на мигрантите, подобрено управување со границите и засилената соработка со соседните земји. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан