ЕК иницира поголема вклученост на младите Европејци во обликувањето на политиките на ЕУ
- Според извештајот, речиси 60 проценти од младите Европејци имаат позитивна перцепција за ЕУ, а над 70 отсто од нив гласаат на избори. Тие сметаат и дека младинските политики на ЕУ треба првенствено да бидат насочени кон подобрување на животот на младите луѓе.

Брисел, 25 март 2025 (МИА) - Европската комисија денеска презентираше Извештај за младите во ЕУ за 2024 година и започна дебата преку Платформата за граѓанска вклученост посветена на теми од интерес на младите во ЕУ и за нивно поголемо учество во обликувањето на политиките на блокот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Извештајот за младите нуди преглед на животот на младите во Унијата и напредокот постигнат во имплементацијата на Стратегијата за млади на ЕУ 2019-2027 година.
- Извештајот ја потврдува посветеноста на Комисијата да обезбеди гласовите на младите луѓе да останат централни за креирањето политики на ЕУ. Извештајот вклучува укажувања за понатамошни активности на полето на младите за промовирање на ангажманот и за повеќе можности за младите луѓе, посочи ЕК.
Според извештајот, речиси 60 проценти од младите Европејци имаат позитивна перцепција за ЕУ, а над 70 отсто од нив гласаат на избори. Тие сметаат и дека младинските политики на ЕУ треба првенствено да бидат насочени кон подобрување на животот на младите луѓе.
Во извештајот се посочува дека речиси 50 проценти од младите изјавиле дека во текот на минатата година се соочиле со некакви емоционални или психосоцијални потешкотии, како и дека 28 проценти од Европејците на возраст од 15 години немаат дигитални вештини, а за 30 отсто главен проблем во образованието е математиката.
Како приоритетни задачи во Извештајот се посочени иницијативите за поддршка на зголемен граѓански ангажман на младите, зајакнување на квалитетот и еднаквоста во образованието и доживотното учење, подобрување на можностите вработување и промовирање на психосоцијална поддршка и здрави животни навики.
Целта на онлајн дебатата, која претставува еден вид продолжение на дијалозите за младинска политика одржани во претходните три месеци, е да се овозможи на поголемо учество на луѓе од сите возрасти, но пред се на младите, во размената на мислење за градењето младински политики.
Таа има за цел и да ги охрабри младите да ги изнесат своите ставови за иницијативите за политиките на ЕУ преку интеракција со еврокомесари и други претставници на Унијата, како и да ги презентираат ставовите на младите за Политичката агенда на блокот.
Наодите од Извештајот за младите во ЕУ и заклучоците од онлајн дебатата треба да придонесат за изработка на следната Стратегија на ЕУ за младите за по 2027 година.
Објавувањето на Извештајот и лансирањето на дебатата следи по презентацијата на најновото истражување на Евробарометар, кое покажува дека 61 отсто од младите Европејци се оптимисти за иднината на ЕУ. Дури 60 проценти од младите во блокот сметаат дека ЕУ има позитивно влијание врз општеството, а како главни придобивки од Унијата ги посочуваат „слободата да живеат, студираат и работат во друга земја на ЕУ“ (32 отсто), „силните односи и солидарноста меѓу земјите членки“ (28 проценти) и „посветеноста на демократијата и основните вредности“ (25 отсто).
Кога станува збор за „грижите на младите“, според анкетата, тие се најмногу загрижени за „трошоците за живот“ (41 отсто) и „мирот и глобалната стабилност“ (30 проценти). Вкупно 38 отсто од младите Европејци сметаат дека ЕУ треба да инвестира повеќе во достапно домување и поддршка за трошоците за живот, а 31 процент дека главен приоритет на блокот треба да се безбедноста и одбраната.
Дополнително, 65 отсто од младите се задоволни од начинот на кој функционира демократијата во ЕУ, при што 34 проценти од нив сметаат дека лажните и погрешните информации претставуваат најголема закана за демократијата.
Истражувањето покажува и дека онлајн платформите се главен извор за информирање на младите во ЕУ, при што 42 проценти се информираат за актуелните случување преку социјалните медиуми.
Во рамки на своите заложби за зајакнување на младинскиот ангажман во ЕУ, Европската комисија лансираше неколку иницијативи. Покрај, дијалозите за младински политики, формирани се и Советодавен одбор за млади на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, замислен како платформа преку која младите луѓе директно ќе придонесат во креирањето на политиките на ЕУ, како и Групата на млади засегнати страни на ЕУ, чија цел е олеснување на дијалог помеѓу младинските организации и креаторите на политиките. Првиот состанок на оваа Група е предвиден за 27 и 28 март во Брисел и на него е најавено учество и на еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт Глен Микалеф. сп/
Фото: Европска Унија