Експерти предупредуваат пашата на животните да не се врши покрај транспортни патишта
- Голема грешка е пашата на животните да биде во области коишто се во непосредна близина на прометни транспортни патишта, предупредуваат експерти за сточарство од Пелагонискиот регион. Според
Битола, 2 јуни 2022 (МИА) - Голема грешка е пашата на животните да биде во области коишто се во непосредна близина на прометни транспортни патишта, предупредуваат експерти за сточарство од Пелагонискиот регион.
Според нив, зголемената внимателност се препорачува заради поголемата загаденост предизвикана од моторни возила.
-Во текот на овој месец сточарите вршат дополнителната прихрана на стоката со концентрирана храна, на која количината и се одредува во зависност од поединечната телесна состојба и млечност на животните. Голема грешка е праксата пашата на животните да биде во области коишто се во непосредна близина на прометни транспортни патишта. Потребно е да се знае дека тие ја загадуваат животната средина, вклучувајќи ги и растенијата во радиус од околу 100 метри. Во површинскиот слој на зелената маса се акумулира олово, бензспирени и други штетни елементи. Преку млекото од молзните животни, оловото стигнува до човечкиот организам. Со кумулативен ефект, се акумулира првенствено во коскената срцевина и доколку се наталожи во одредена количина, предизвикува тешки оштетувања на крвните садови и централниот нервен систем. Бензспирените се другиот важен загадувач кој е резултат на блискиот патен сообраќај, кои што повторно преку млекото пристигнуваат во човечкиот организам. Тие имаат канцерогено дејство а исто така и тератогено дејство, односно ги оштетуват човечките ембриони, посочуваат експертите од Пелагонија.
Високите летни температури се причина и за некои негативни појави во сточарството, односно за брзо расипување на храната за стоката.
-На свињите и птиците во хранилките треба да им се приложува толку храна колку што е доволно за еден оброк. На тој начин ќе се избегнат проблеми како дигестивни нарушувања, намалување на продуктивноста, прејадување и ќе се намали смртността, препорачуваат експертите. мт/бак/