ЕИБ донира помош за настраданите во поплавите во Словенија
- Европската инвестициска банка (ЕИБ) преку својот Институт за поддршка ќе додели 200.000 евра на околу 500 семејства погодени од неодамнешните поплави во Словенија.
Брисел, 30 август 2023 (МИА) – Европската инвестициска банка (ЕИБ) преку својот Институт за поддршка ќе додели 200.000 евра на околу 500 семејства погодени од неодамнешните поплави во Словенија.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, помошта во форма на грантови ќе биде дистрибуирана преку невладината организација Сојуз на пријателите на младите на Словенија (ЗПМС) со цел на настраданите семејства да им се обезбеди итна, но и подолгорочна поддршка во подготовките за зимските месеци и за образовните активности на нивните деца.
Донацијата на ЕИБ ќе ја надополни поддршката на Европската комисија од 400 милиони евра за Словенија доделена од Фондот за солидарност и Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
На потпишувањето на договорот за помошта, потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова потсети дека веднаш по поплавите првиот човек на Европската инвестициска банка, Вернер Хојер најави дека институцијата е подготвена да и помогне на Словенија на кој било начин.
- Ја повторам таа порака на солидарност со словенечките власти и понудата за поддршка без разлика дали е финансиска или советодавна, каде и кога и да е потребна, додаде Павлова.
Според неа, помошта од 200.000 евра ќе обезбеди непосредна поддршка за семејствата кои беа најтешко погодени од поплавите, кои, како што рече, предизвикаа хаос во Словенија и катастрофални последици за граѓаните и нивните имоти.
Првиот човек на Институтот за поддршка на Банката, Шива Дастдар истакна дека институцијата со која раководи е „филантропската рака на ЕИБ“, која им помога на мажите, жените и децата погодени од катастрофи преку насочување на донациите на ЕИБ онаму каде што можат најефикасно да се користат.
- Многу сме среќни што соработуваме со Сојузот на пријателите на младите на Словенија во поддршката на некои од заедниците на кои им е најпотребна помош по овие страшни поплави и свлечишта, додаде Дастдар.
Генералната секретарка на ЗПСМ, Бреда Красна изрази благодарност до Европската инвестициска банка за поддршка во, како што рече, овие тешки времиња.
- Повеќе од 70 години, Сојузот на пријателите на младите на Словенија стои како светилник на доверливост, неуморно залагајќи се за посветла иднина на нашите деца и млади. Соочени со разорните поплави во Словенија, брзо се организиравме да им помогнеме на оние на кои им е потребна помош. Нашите напори веќе ги олеснија животите на повеќе од 75 семејства. Средствата што ги добивме ќе играат клучна улога во продолжувањето на помошта за овие семејства, особено на децата и младите кои работат напорно за да ги обноват своите животи и образование. Со вашата непроценлива поддршка, создаваме подобро утре за следните генерации и за семејствата погодени од поплавите. Солидарноста и поддршката се навистина непроценливи и ја изразуваме нашата длабока благодарност за вашата безгранична дарежливост, рече Красна.
На почетокот на август во словенечките региони Горењска и Штаерска за 24 часа наврна дожд колку што вообичаено врне за еден месец, што ги предизвика најголемите поплави во Словенија од нејзината независност во 1991 година. Во поплавите загинаа нејмалку шест лица, илјадници беа принудени да се евакуираат и беа предизвикани штети на станбени објекти и сообраќајната инфраструктура од неколку милијарди евра. сп/
Фото: ЕИБ