Езерата во земјава „задавени“ од висечки мрежи и друг вид оставен риболовен алат
- Висечките мрежи претставуваат глобален проблем за секој воден еко-систем од што не се поштедени ниту нашите езера, особено Охридското како светска природна реткост заштитена од УНЕСКО.
Охрид, 10 октомври 2025 (МИА) – Висечките мрежи претставуваат глобален проблем за секој воден еко-систем од што не се поштедени ниту нашите езера, особено Охридското како светска природна реткост заштитена од УНЕСКО.
Тоа беше посочено на денеска одржаната работилница на Хидробиолошкиот завод во Охрид, организирана со цел запознавање на пошироката јавност со реализираните активности за отстранување на напуштен, изгубен, заборавен или на друг начин оставен рибарски алат – таканаречени „мрежи духови“ од Охридското и Преспанското Езеро.
Во четири акции спроведени од Јавната установа Хидробиолошки завод заедно со нуркачките клубови од градот и земјата на македонската страна на езерото оваа година се извадени вкупно 172 мрежи, од кои пред се со димензии на окца за ловење пастрмка и белвица.

- Тоа е континуиран проблем што се повторува и не е нешто што може да се реши со еднострани или инцидентни акции. Оттаму потребата од прекуграничен напор за чистење на водите од двете страни на езерото, истакна Душица Боева, експерт по ихтиологија во Хидробиолошкиот завод.
Таа посочи дека висечките мрежи покрај целните видови риби, ловат и ракови, птици, уништуваат и хабитати, односно живеалишта на многу ендемски видови.
- Мрежите ги отстрануваме од природните плодишта на пастрмката, но таму не живее само пастрмката. Ова е целна акција за да ја одржиме популацијата на ендемичниот вид пастрмка на биолошки оптимум, рече таа.
Јован Секулоски од Нуркачкиот центар „Амфора“ од своја страна посочи дека работата во вода е тешка, во услови на ниски температури и слаба видливост, и тоа се работи најчесто на мрежи заплеткани во карпи и на дното на езерото.
- За безбедно извлекување треба тимска координација. Се користи специјална опрема за отстранување...Се работи на различни локации и длабочини, проблемот постои...Работиме секојдневно, секогаш кога нуркаме и најдеме мрежа, ја отстрануваме, рече Секулоски.
Оваа година се извадени мрежи во вкупна должина од речиси 11 километри, во 2017 од 12 километри...Според информациите споделени од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ од 2023 година вкупно се отстранети најразличен вид мрежи од над 330 километри должина, што значи езерото се „дави“ во мрежи. аб/вг/
фото/МИА