• недела, 09 јуни 2024

Едвардс: Тренерот ми рече да бидам агресивен, иако ме удвојуваа

Едвардс: Тренерот ми рече да бидам агресивен, иако ме удвојуваа

Минесота, 17 мај 2024 (МИА) - Кошаркарите на Минесота Тимбервулвс веќе се гледаа во финалето на Западната конференција од НБА плеј-офот кога двапати го совладаа Денвер како гости. А потоа, седум дена подоцна, беа отпишани кога загубија три натпревари по ред од актуелниот шампион. Сега убедливо ги совладаа Никола Јокиќ и другарите и изборија „мајсторка“.

Минесота победи со 115:70 и стигнаа до седми меч од серијата, а најзаслужни за овој успех беа младите кошаркари Ентони Едвардс и Џејден МекДаниелс.

-Џејден беше наш водач денес. Претходно кажав дека сите во нашиот тим се лидери, а Џејден беше лидер вечерва. Тој исчекори во преден план. Тренерот Финч беше одличен и ми рече утрото пред натпреварот да најдам начин да бидам агресивен иако ме удвојуваа. Тоа го правеше и Феникс, па секако бев агресивен. Само размислував за тоа, изјави Ентони Едвардс по натпреварот.

Навивачите на Минесота беа загрижени за една ситуација во која Едвардс имаше болен пад, но на прашањето дали ќе игра во натпреварот број 7, поранешниот број 1 на НБА драфтот не остави простор за сомнеж.

- Дефинитивно ќе бидам подготвен за недела, изјави тој.

Седмиот, решавачки натпревар од серијата, е закажан за в недела на 19 мај во 22 часот по наше време. дс

Фото: Фејсбук/Минесота

Остани поврзан