Европски суд за ревизори: Извештајот на ЕК за владеењето на правото во ЕУ е недоволно транспарентен
- Годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото во земјите членки на ЕУ е недоволно транспарентен и во него недостига соодветна документација за изнесените наводи, се посочува во оценката на Европскиот суд на ревизори за документот на извршното тело на Унијата.
Брисел, 29 февруари 2024 (МИА) - Годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото во земјите членки на ЕУ е недоволно транспарентен и во него недостига соодветна документација за изнесените наводи, се посочува во оценката на Европскиот суд на ревизори за документот на извршното тело на Унијата.
Според Судот, методологијата што ја користи Комисијата им нуди „ограничени податоци“ на заинтересираните страни и има простор за поголема транспарентност и одговорност.
Во Извештајот се посочува и дека членките на ЕУ „може да коментираат“ за нивниот нацрт-извештај за владеењето на правото уште пред објавувањето, но однапред немаат увид во препораките, па „немаат можност да ги прифатат или отфрлат“.
- Комисијата има простор за подобрување на доказната патека на процесот на проценка преку подобро документирање за тоа на кои инпути се потпира, за кои прашања известува и како ја оценува сериозноста на тие прашања, се вели во извештајот на Европскиот суд на ревизори.
Во однос на извештајот на ЕУ за владеењето на правото вчера Резолуција усвои и Европскиот парламент во која се наведува дека проценките на Еврокомисијата се премногу „дипломатски“.
- Комисијата, во нејзините напори да се држи до фактите и да биде умерена, понекогаш има премногу дипломатски и непрецизен став кога ги идентификува проблемите со владеењето на правото во земјите членки, се вели во Резолуцијата.
Раководителката на групата за изработка на Резолуцијата, холандската европратеничка Софи Ин'т Велд оцени дека при изработката на извештајот Европската комисија ги имала предвид „политичките размислувања“ и била пристрасна.
- Очигледно во Европската комисија постои неподготвеност да се решат некои прашања, ако дотичниот владин лидер не е проблематичен во Европскиот совет, изјави Ин'т Велд на прес-конференцијата по усвојувањето на Резолуцијата, посочувајќи ја како пример Грција.
Таа оцени дека она што се случува во Грција поврзано со независноста на медиумите, тенденциозните тужби против новинарите, бавните судски процеси, скандалот со прислушување на телефоните на политичари, бизнисмени и новинарите телефоните и тврдењата за обиди за спречување на расветлување на случајот, се сериозни причини за загриженост околу состојбата со владеењето на правото во земјата.
Годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото во земјите членки на ЕУ за 2023 година беше објавен лани во јули. Објавувањето на годишни извештаи за состојбата со демократијата во членките на ЕУ започна во 2020 година на барање на Европскиот парламент. сп/
Фото: МИА Архива