Европски сојузници ја потврдуваат „непоколебливата поддршка“ за Украина во Рим
- - Нашата поддршка за Украина останува цврста: политички, економски и воено, му порача германскиот министер Јохан Вадефул на Сибиха.
Рим, 12 јуни 2025 (МИА) - Европски министри за надворешни работи денеска во Рим ја повторија својата „непоколеблива поддршка“ за Украина, на конференција организирана од шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани.
На состанокот, фокусиран на безбедноста на ЕУ и војната во Украина, присуствуваа министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска, заедно со украинскиот министер Андреј Сибиха, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас.
Состанокот се одржа помалку од месец дена пред Четвртата конференција за закрепнување на Украина, закажана за 10-11 јули, на која околу 2.000 претставници од политика, бизнис и меѓународни организации ќе разговараат за долгорочните перспективи на земјата.
Во заедничката декларација, министрите ја потврдија посветеноста кон украинскиот народ, демократија, безбедност, суверенитет, независност и територијален интегритет во рамките на меѓународно признатите граници.
- Нашата поддршка за Украина останува цврста: политички, економски и воено, му порача германскиот министер Јохан Вадефул на Сибиха.
На новинарско прашање кога планира прв разговор со рускиот министер Сергеј Лавров, Вадефул одговори дека моментално не гледа причина за таков потег, нагласувајќи дека Германија секогаш ќе се координира со европските партнери. Тој додаде дека, иако Берлин е „секогаш отворен за преговори“, мора да се признае дека Русија не е подготвена за дијалог, туку бара војна, па затоа поддршката за Украина останува непроменета.
Коментарите на Вадефул доаѓаат среде дебата во Германија, каде членови на Социјалдемократската партија (СПД), помала партнерка во владата, бараат директни дипломатски контакти со Русија. И лидерството на СПД и канцеларот Фридрих Мерц, од конзервативниот блок, ги отфрлија овие барања, наведувајќи дека неодамнешните напади врз Украина покажуваат дека Русија не е подготвена за преговори. По билатералната средба со Тајани, Вадефул вечерва заминува за Блискиот Исток , со планирани посети на Египет, Либан, Јордан и Израел до недела. ссм/
фото: ЕПА