• петок, 22 ноември 2024

Европските земји ги евакуираат странците од Нигер

Европските земји ги евакуираат странците од Нигер

Ниамеј, 3 август 2023 (МИА) - Странците со часови чекаат во редици на аеродромот во близина на главниот град на Нигер за  француската армија да ги евакуира со авион од оваа  западноафриканска земја, во која минатата недела беше извршен државен удар и воена хунта ја презеде власта.

Против новата воена управа на Нигер, дури 15 земји членки на регионалниот економски блок ECOWAS, воведоа санкции и се заканија со употреба на сила доколку соборениот претседател Мохамед Базум не биде вратен на власт за една недела.

Франција, Шпанија и Италија најавија евакуација на своите граѓани и други Европејци од Ниамеј, главниот град на Нигер.

Франција соопшти дека со три авиони евакуирала 736 лица, вклучително и 498 свои државјани. Во авионите се превезувале државјани на Нигер и уште 10 земји, а се подготвува и четврт лет. Според француската Амбасада во Ниамеј, уште 1.200 француски државјани побарале евакуација.

Во Рим вчера слета италијански воен авион од Нигер со 99 патници од различни земји, меѓу кои 21 Американец, а шефот на италијанската дипломатија, Антонио Тајани, изјави дека дозвола за летот дала новата влада на Нигер.

Германија најави дека засега не гледа потреба од евакуација на своите стотици војници кои се наоѓаат во Нигер, а во најголем дел се поврзани со мисијата на Обединетите нации во Мали.

ЕКОВАС се закани со сила дека ќе го врати демократски избраниот претседател Базум на власт, но двете соседни земји - Буркина Фасо и Мали - кои исто така се управувани од војската по државните удари, застанаа на страната на новата воена влада на Нигер и најавија дека секоја интервенција против оваа земја ќе ја сметаат за објава на војна.

Во Нигерија, членка на ЕКОВАС, вчера почна дводневен собир на министрите за одбрана на земјите членки на овој 15-член економски блок, со цел да се разгледаат следните чекори.

ЕКОВАС во неделата воведе енергетски санкции за Нигер, земја која увезува 90 отсто од својата електрична енергија од Нигерија. Според неименувани функционери, преносот на струја бил прекинат вчера.

Нигер е една од најсиромашните земји во светот, а Западот ја гледа оваа земја како последниот сигурен сојузник во регионот Сахел во борбата против исламските екстремисти од Ал Каеда и Исламската држава. сд/

Фото:МИА архива

Остани поврзан