• понеделник, 23 декември 2024

Еврокомесарката Вестагер времено се повлече од Европската комисија 

Еврокомесарката Вестагер времено се повлече од Европската комисија 

Брисел, 6 септември 2023 (МИА) – Извршната потпретседателка на Европската комисија за подготовка на Европа за дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргарете Вестагер ја информира времено ја напушта својата позиција, откако данската Влада ја номинира за претседател на Управниот комитет на Европската инвестициска банка (ЕИБ), соопшти ЕК. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, во соопштението се наведува дека Вестагер ја информирала претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дека е официјален кандидат на данската Влада за функцијата во ЕИБ и дека бара неплатено отсуство до завршување на постапката за избор на претседател на Управниот комитет на Банката. 

- Претседателката и одобри неплатено отсуство на извршната потпретседателка Вестагер, нагласувајќи и дека и во тој период е должна да ги почитува соодветните одредби од договорите и Кодексот на однесување за членовите на Комисијата, се додава во соопштението. 

ЕК информира и дека Фон дер Лајен решила за време на отсуството на Вестагер одговорноста за координација на активностите поврзани со портфолиото подготовка на Европа за дигиталната ера да и го додели на потпретседателката на Еврокомисијата за вредности и транспарентност Вера Јоурова, а ресорот конкурентност на еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс. 

Во соопштението се додава и дека да изборот за нов комесар што ќе ја наследи актуелната бугарска министерска за надворешни работи Марија Габриел, ресорот иновации и истражување времено му го доделува на потпретседателот на ЕК задолжен за миграции и азил Маргаритис Схинас. Постапката за избор на наследникот на Габриел започна вчера со сослушувањето на номинираната кандидатка за еврокомесарка Илијана Иванова во Европскиот парламент.

- За овие привремени измени Комисијата ги информира и Европскиот парламент и Советот на ЕУ, се додава во соопштението. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан