• петок, 22 ноември 2024

Евакуирани околу 1.400 луѓе поради пожарот во Португалија

Евакуирани околу 1.400 луѓе поради пожарот во Португалија

Лисабон, 8 август 2023 (МИА) - Стотици пожарникари се вклучени во гаснење на шумски пожар што беснее во јужна Португалија, при што изгореа околу 6.700 хектари земја, а околу 1.400 луѓе беа евакуирани како мерка на претпазливост.

Шумскиот пожар, со кој моментално се справуваат повеќе од 800 пожарникари, избувна во Одемира во регионот Алентехо во саботата, но оттогаш се прошири на југ кон регионот Алгарве, една од главните туристички дестинации во Португалија.

Напорите за гаснење се отежнати поради високите температури и силните ветрови. Превентивно се евакуирани вкупно 19 мали села, четири туристички сместувачки комплекси и еден камп, а блокирани се и неколку патишта, соопштија локалните власти. 

Португалската метеоролошка агенција ИПМА вчера издаде црвено предупредување за екстремни горештини во шест области во земјата, вклучувајќи го и главниот град Лисабон. Властите прогласија дека повеќе од 120 општини низ Португалија се изложени на најголем ризик од пожар. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан