• недела, 22 декември 2024

Дурмиши: Барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата ќе се разгледа на првиот ЕСС

Дурмиши: Барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата ќе се разгледа на првиот ЕСС

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) – Барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата и изнаоѓањето решение со коморите, трговците, увозниците и производителите на храна за стабилизирање на цените ќе бидат приоритетите на новиот министер за економија и труд Бесар Дурмиши.

Како што информира тој на денешната прва прес-конференција по неговото назначување, ќе се залага за отворен дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС) и уште на првиот состанок на ЕСС под негово претседавање ќе се разгледа барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра уште во првите 100 дена од формирањето на новата влада.

-Ќе започнеме дијалог за сите отворени прашања и од страна на синдикатите и од страна на работодавачите уште на првиот состанок на ЕСС со кој сега јас ќе претседавам. Мора да ги имаме во предвид интересите на работниците, но и интересите на бизнис секторот, рече Дурмиши.

Нагласи дека ќе продолжи процесот на изработка на новиот закон за работни односи и на законот за безбедност и здравје при работа, кои, додаде, ќе бидат во насока на унапредување на правата на работниците.

Порача дека заедно со коморите и стопанствениците ќе ја разгледаат листата од 1.600 производи за Законот за нефер трговски практики која е веќе објавена во Службен весник, а се очекува законот од септември да профункционира и да доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

-Ќе се сретнам со коморите и произведувачите на храна за на некој начин да успееме да ја намалиме цената на храната во интерес на граѓаните. Со нив ќе разговарам за да ги видиме сите можности што ни се на располагање за евентуални промени во листата на производи, посочи Дурмиши.

Најави дека  во наредниот период ќе поднесе барање до Државниот завод за ревизија за целосна ревизија на работењето на Министерството за економија почнувајќи од 2015 година.

-Последната ревизија за работењето на Министерството е направена во 2015 година. Оттогаш наваму нема ревизија и затоа ќе направиме ревизија за да видиме како е работено до сега, рече Дурмиши и додаде дека за секоја злоупотреба на институциите или кршење на законот треба да се одговара без разлика која ја направил.

Како што прецизира, со новата реорганизација главниот фокус на Министерството за економија и труд ќе биде засилена поддршка на индустријата, креирање мерки за микро, малите и средните компании, зголемување на конкурентноста на бизнисот, внатрешниот пазар, трговијата, како и поддршка на работодавачите, креирање на мерки и политики за вработување, подобрување на пазарот на труд и заштита на работничките права.

- Ќе продолжиме со финансиска поддршка за инвестициите за домашните и странските компании која што е регулирана со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој што е во наша надлежност. Планираме постапката и условите за доделување на државната помош да бидат ревидирани во насока на поголем износ на поддршка за домашните компании што извезуваат и компаниите од секторите со конкурентна предност, рече Дурмиши.

Во фокусот, како што посочи, ќе останат микро, малите и средните претпријатија кои се најбројни во домашната индустрија и за нив ќе бидат зголемени финансиите и мерките. 

- Ќе се фокусираме на целосна инфраструктурна и логистичка поддршка на индустриските зони. Странските инвеститори, бизнис секторот, работодавачите и коморите ќе бидат консултирани при носење на сите законски решенија, а ние ќе бидеме нивен партнер за соработка, рече Дурмиши. 

Нагласи дека со новата реорганизација и преземањето на секторот труд ќе се поврзат бизнисот и работниците во една целина. 

- Со ова поврзување се дава можност да се видат и да се слушнат сите фактори во еден производствен процес. Правата на работниците и пазарот на труд ќе биде наш нов предизвик на кој ќе дадеме максимална посветеност. Приоритет ќе ми бидат унапредувањето на правата на работниците, заштита на работничките права.  Агенцијата за вработување ќе прерасне во ефективен посредник помеѓу работниците и работодавачите, рече Дурмиши.

Вети дека ќе направат комплетна реформа на активните мерки на пазарот на труд за да можат да се постигнат вистинските ефекти.

- Спроведувањето на овие мерки ќе биде преку инклузивен процес преку интегрирање на бизнис заедницата, коморите со Агенцијата за вработување. Ќе направиме целосна систематизација и оптимизација на законите и подзаконските акти кои ја регулираат областа на трудовата политика и политиката на социјална заштита, истакна Дурмиши. вј/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан