• четврток, 04 декември 2025

Дука изрази благодарност до сите што соработувале со посветеност за доброто на градот Дебар

Дука изрази благодарност до сите што соработувале со посветеност за доброто на градот Дебар

Дебар, 6 ноември 2025 (МИА) - Досегашниот градоначалник на Дебар, Хекуран Дука, попладнево ја одржа последната средба со општинската администрација, на која изрази благодарност до „сите оние што соработувале со посветеност за доброто на градот".

-Одговорноста започнува со првиот чекор. Нè учи да работиме со чесност, посветеност и совест, бидејќи секоја акција што ја преземаме денеска еден ден ќе сведочи за нас, рече тој на почетокот.

Кога дејствуваме одговорно за општото добро, додаде, успехот се гледа во резултатите што ги постигнуваме.

-Благодарност до сите оние што соработуваа со посветеност за доброто на градот. Убеден сум дека оваа мисија и успех ќе продолжат, бидејќи сè уште има многу работа и многу цели што треба да се постигнат со понизност и добра волја, рече Дука.

Посочи дека успехот не се мери со зборови, туку со чувството на мир што ви го дава чистата совест.

Дука (62) татко на градот беше од крајот на 2018 година, најпрво како вршител на должноста по смртта на градоначалникот Ружди Љата, по што довербата ја доби на предвремените избори во 2019, а потоа и на изборите во 2021 година, како кандидат на ДУИ.

Во неговиот период реализирани беа низа проекти во насока на подобра патна и друга инфраструктура во градот и населените места, поддржани беа многу спортски и културни активности, како и други проекти, меѓу кои и бадниковите поворки во Дебар.

Тој и припаѓа на лекарската фела, специјалист уролог. Додека беше градоначалник на доброволна основа еднаш во текот на неделата, по работното време,  вршеше бесплатни прегледи, со цел да им излезе во пресрет на жителите од поширокиот регион. 

На негово место доаѓа Фисник Меља (41), магистер по ИТ, кандидат на ВРЕДИ, подржан од ВМРО ДПМНЕ, кој до сега беше заменик директор на УЈП. вт/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан