• понеделник, 16 јуни 2025

ДУИ: Новата програма за седмо одделение ги исклучува Албанците од учебниците по „Историја и општество“

ДУИ: Новата програма за седмо одделение ги исклучува Албанците од учебниците по „Историја и општество“

Скопје, 18 април 2025 

Новата програма на Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука за предметот „Историја и општество“ за седмо одделение претставува сериозен чекор назад и длабока навреда за Албанците во оваа земја.

Овој документ, кој служи како основа за подготовка на учебниците, целосно ги игнорира Албанците, нивната култура, историја и придонес во заедничката држава.

Во претходната програма, подготвена од претходната влада, јасно беше наведено дека учениците треба да ја учат историјата на својот народ и на другите народи што живеат во државата.

Се поттикнуваше свесноста за идентитетот, соживотот и меѓукултурната почит.

Во новата програма, сите овие содржини се избришани без никакво објаснување. Нема ниту еден збор за Албанците, ниту за нивната улога во историјата, културата или општеството.

Ова не е техничка измена – ова е политичка порака. Намерна одлука историјата да се прикаже како дело на еден народ, државата како едноетничка, а Албанците како да не постојат.

Ваквиот пристап не само што ги исклучува учениците Албанци од учебниците, туку создава чувство на отфрленост и неправда кај цели генерации.

Историја и општество не можат да се изучуваат без еден од најважните народи што го сочинуваат оваа држава.

Програмата не само што ја ускратува можноста учениците Албанци да се препознаат себеси, туку директно ја поткопува идејата за соживот, еднаквост и взаемна почит.

Ги повикуваме надлежните институции да ја повлечат оваа еднострана и исклучувачка програма и да вратат пристап што ќе го одразува вистинскиот историски и општествен мозаик на Република Северна Македонија. 

Албанците не се невидливи – не во минатото, не во сегашноста, и не смеат да бидат исклучени од ниту една страница на нашата заедничка историја.

Демократска унија за интеграција

_____________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото: ДУИ

 

Остани поврзан