Д-р Христова, од кумановската болница: Jапонските пракитки не се недостижни за унапредување на мајчиното и неонаталното здравје
- Д-р Александра Христова, неонатолог од Општата болница Куманово, денеска одржа презентација за лекарите и сестрите од болницата, пренесувајќи ги своите искуства и научени практики од неодамнешната студиска посета во Јапонија, дел од меѓународната програма за подобрување на мајчиното и неонаталното здравје, спроведена во болницата Такацуки во префектурата Осака.
Куманово, 17 ноември 2025 (МИА) - Д-р Александра Христова, неонатолог од Општата болница Куманово, денеска одржа презентација за лекарите и сестрите од болницата, пренесувајќи ги своите искуства и научени практики од неодамнешната студиска посета во Јапонија, дел од меѓународната програма за подобрување на мајчиното и неонаталното здравје, спроведена во болницата Такацуки во префектурата Осака.
Според, д-р Христова, јапонските пракитки не се недостижни како модел за унапредување на мајчиното и неонаталното здравје, но бараат долгорочно планирање, инвестиции и континуиран развој на кадарот.
Пред своите колеги, д-р Христова ја презентираше инфраструктурата и работата на современата здравствена установа инаку, општа болница Такацуки, која покрива 340.000 жители во регионот. Како што објасни докторката, болницата посветила внимание на организацијата на интензивните неонатални единици, каде секоја бебешка соба функционира како самостоен мини-оддел со слајд врати, инкубатор и комплетна опрема за мониторинг и терапија.
Д-р Христова посочи дека проблемот со недостиг од анестезиолози, присутен и во Македонија, постои и во Јапонија. Таму е воведена успешна пракса гинеколозите-акушери да бидат обучени за давање спинална анестезија, со цел интервенциите да се изведуваат непречено.
- Во болницата Такацуки работат само двајца анестезиолози, и тоа на повик. Но, системот е поставен така што работата не застанува, изјави, д-р Христова.
Јапонија е исклучително напредна во однос на комплексни програми за реанимација и критична нега, за реанимација на новороденчиња, напредна поддршка во акушерството, систем за спасување на мајчин живот во итни случаи, перинатална критична нега.

- Сите лекари, независно од специјалноста мора да бидат подготвени да реагираат во животозагрозувачки ситуации. Не смее да се чека анестезиолог кога секоја минута е критична, објаснува д-р Христова.
Јапонија многу вложува во справување со итни и неодложни состојби како земјотреси и цунами. Кумановската болница лани, пак се соочи со неколкудневна криза со заматување на водата во Липковската брана, тогаш пациентите се препраќаа во други здравствени установи.
- Болницата мора да има сопствено контролирано водоснабдување за да функционира непречено при кризни ситуации, не е невообичаено и кај нас да има поројни дождови, изјави д-р Христова.
Инвестиции во родилиштето се неопходни, како приоритетни смета д-р Христова се реновирање на родилната сала, набавка на нови кревети за породување и ЦТГ апарати, модернизација на опремата за следење и грижа за родилки и новороденчиња. Д-р Христова ја нагласи важноста од континуирана едукација и усогласување со светските стандарди.
- Стапката на мајчинска смртност е 2,8 и во Јапонија исто како во Македонија. Разликата е што Јапонија го одржува овој тренд веќе 50 години, а Македонија само неколку. Не смееме да дозволиме назадување, изјави докторката. Посебно позитивно, според јапонските експерти, е јасната македонска поделба на примарно, секундарно и терцијарно здравство и системот за упатување на бремените жени според гестациската недела.
Јапонските искуства можат да се применат во блиска иднина како што е воведување на фетална хирургија, веќе практикувана во Осака од 2021 година, воведување на НИДКАП-програмата за индивидуална развојна грижа на новороденчиња, реновирање на сите болници или изградба на нови.
- Мора да се најде начин да се мотивира медицинскиот кадар за да се спречи миграцијата. Без обучени кадри, ниту најдобрата опрема нема да донесе резултат, вели д-р Христова.
Како интересен пример од Јапонија, таа го наведе и еднократниот паричен стимул по породување 500.000 јени, односно околу 180.000 денари мерка што кај нив е дел од стратегијата за поттикнување на наталитетот. ам/вј/
Фото: МИА