Дронови одново надлетуваа над белгиската воена база „Клајне-Брогел“ (ДПЛ)
- Дронови над „Клајне-Брогел“ беа регистрирани и претходната вечер, како и во ноќта меѓу петокот и саботата. Истата ноќ, беспилотни летала беа забележани и над базата „Леополдсбург“, што се наоѓа во истата област како и „Клајне-Брогел“.
Брисел, 3 ноември 2025 (МИА) – Четири дронови синоќа биле забележани над белгиската воена база „Клајне-Брогел“, во провинцијата Лимбург во североисточна Белгија.
Информацијата за ова надлетување на дронови над „Клајне-Брогел“, трета вечер по ред, за белгиските медиуми ја потврди Стивен Матеј, градоначалник на местото Пер, во чија близина се наоѓа базата.
Дронови над „Клајне-Брогел“ беа регистрирани и претходната вечер, како и во ноќта меѓу петокот и саботата. Истата ноќ, беспилотни летала беа забележани и над базата „Леополдсбург“, што се наоѓа во истата област како и „Клајне-Брогел“.
Според Матеј, припадници на вооружените сили стационирани во базата околу 19 часот забележале „неколку“ дронови над касарната, за што ја известиле локалната полиција. Полицајците и овој пат се упатиле во потера по дроновите со возила и хеликоптер, но одново не успеале да ги пресретнат.
- Исто како и вчера, дроновите се упатија на север кон Холандија и потоа исчезнаа, додаде Матеј.
Инаку, синоќа беспилотно летало било регистрирано и над аеродромот во Антверпен, а белгиските медиуми информираат дека викендов дронови биле забележани и над базата „Марш-ан-Фамен во југоисточната белгиска провинција Луксембург, како и во близина на аеродромите во Дурне и Остенде. Над „Марш-ан-Фамен“, како и над базата „Елзенборн“ што се наоѓа на границата на Белгија со Германија, дронови беа регистрирани и во текот на претходните недели.
Во врска со овие инциденти се огласи и белгискиот министер за одбрана Тео Франкен, кој најави дека во текот на оваа недела претставници на Министерството ќе се сретнат со локалната полиција за да ја анализираат заканата и да можат да ги пронајдат и уапсат лицата што управувале со дроновите.
- Ако погледнете како летаат тие беспилотни летала, каде конкретно летаат и колку долго кружат над одредена инфраструктура, јасно е дека тоа не се некој Вили или Денис, кои случајно го летаат својот дрон, нагласи Франкен.

Според него, Белгија е „преплавена“ од прелети на дронови чие потекло не е познато и таквата состојба не може да се игнорира.
- Тоа се нашите главни воени бази. Таму се наоѓа критична инфраструктура, додаде Франкен.
„Клајне-Брогел“ е воздухопловна база на белгиската Армија во која се сместени припадници на силите на НАТО и се претпоставува дека во неа е складирано американско нуклеарно оружје. Дополнително, таму се стационирани белгиските ловци Ф-16, од 2027 година таму треба да бидат лоцирани и новите борбени авиони Ф-35, што Белгија неодамна ги нарача од САД.
Силите стационирани во базата учествува и во воената вежба на НАТО за одбрана територијата на Алијансата со нуклеарно оружје „Непоколебливо пладне“, што се одржа минатиот месец на териториите на неколку земји членки на Пактот.
Според Франкен, целта на овие дронови се „шпионски активности“. - Ова не е случајно кружење околу воен капацитет. Станува збор за дронови што кружат над база до 30 минути, собирајќи прецизни информации за тоа каде е точната локација на влезната порта, кога минуваат стражарите и каде се наоѓаат камерите. Сите тие информации подоцна би можеле да бидат корисни за саботажи, оцени Франкен.
Белгиските медиуми наведуваат дека потеклото на дроновите останува мистерија и иако сомнежите се насочени кон Русија, Министерството за одбрана на Белгија нема докази за да може да ги потврди овие претпоставки.
Пензионираниот белгиски полковник Роџер Хаузен во интервју за весникот „Лацте Њуз“ изјави дека доколку Москва навистина стои зад овие инциденти со дроновите во Белгија, мотив за тоа би можеле да бидат плановите за користење на замрзнатите руски средства за помош на Украина, од кои најголемиот дел се депонирани во бриселскиот депозитар „Еуроклир“.
Инаку, во последните месеци во неколку држави во Источна Европа и во балтичкиот регион беа регистрирани дронови кои надлетуваа над критична инфраструктура, за што беше осомничена Русија. сп/ссм/
Фото: МИА Архива