• вторник, 16 декември 2025

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска соопшти дека поднел неотповиклива оставка на функцијата.

Коцевски на прес-конференцијата во ЈОРМС, го оцени како политичка одлука предлогот за негово разрешување што треба да се разгледува на денешната собраниска седница.

Кажа дека од функцијатра што ја вршел помалку од две години „заминува со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“. Доказ за тоа, како што наведе, е тоа што дури денеска во 10 часот, еден час пред закажаната седница за негово разрешување, му била доставена поканата за присуство, а не му бил доставен ниту предлогот за разрешување.

Коцевски во официјалниот допис до претседателот на Собранието Африм Гаши бара пратениците на денешната седница да го утврдат престанокот на неговата функција како Јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Собранието денеска на 76. седница, треба да расправа за владиниот Предлогот за разрешување на Коцевски.

Владата во  Предлогот посочува дека разрешувањето на Коцевски се бара поради – направени крупни професионални грешки при раководењето на Јавното обвинителство; неовластено изнесување на информации и податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката утврдена со Закон; нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед во целина не постапувајќи согласно обврските предвидени во Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.аб/са/

Фото: принтскрин

 

Остани поврзан