Државниот секретар во МВР оствари средба со амбасадорката на Република Србија
- Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски денеска оствари средба со амбасадорката на Република Србија, Невена Јовановиќ. Заеднички беа потврдени одличните односи меѓу двете земји и високото ниво на политички дијалог и соработка и посветеноста за натамошно продлабочување на соработката, информираат од МВР.
Скопје, 25 април 2025 (МИА) - Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски денеска оствари средба со амбасадорката на Република Србија, Невена Јовановиќ. Заеднички беа потврдени одличните односи меѓу двете земји и високото ниво на политички дијалог и соработка и посветеноста за натамошно продлабочување на соработката, информираат од МВР.
Државниот секретар Петрушевски изразил искрена благодарност на амбасадорката Јовановиќ за несебичната, ефикасната и силната поддршка, како и големата солидарност кои Република Србија ги укажа на нашата земја по катастрофалната несреќа во Кочани и згрижувањето и третманот на дел од повредените.
Во текот на средбата, акцент бил ставен на унапредување на одлично воспоставената соработка помеѓу двете земји односно помеѓу министерствата за внатрешни работи и финализирањето на подготовките за склучување на Договорот помеѓу Владите за воспоставување заеднички контроли на граничен премин за меѓународен патен сообраќај Табановце–Прешево. Се разговарало и за актуелни прашања од значење за двете земји, како и за заканите и предизвиците во борба против секаков вид на криминал.
Двајцата соговорници ја истакнале важноста од континуиран политички дијалог во насока на продлабочување на севкупната и добрососедска соработка. Истовремено, се споменало и меѓусебното учество во меѓународните организации и регионалните иницијативи (СЕЛЕК, МАРРИ и други) кои се од заеднички интерес и придонесуваат за одржување и зајакнување на регионалната безбедност, стабилност и просперитет. сст/дма/
Фото: МВР