• недела, 22 декември 2024

До КСЗД, 77 претставки за заштита од дискриминација во вториот квартал од 2024, најчесто поради сексуална ориентација и попреченост

До КСЗД, 77 претставки за заштита од дискриминација во вториот квартал од 2024, најчесто поради сексуална ориентација и попреченост

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го објави извештајот за периодот април - јуни 2024 година. Според податоците, во вториот квартал на 2024 година, до КСЗД се доставени 77 претставки и тоа 61 од физички и 16 од правни лица. Во споредба со истиот период во 2023 година, бројот на поднесени претставки е зголемен за 4,05 отсто.

Најчесто утврдени основи на дискриминација биле сексуална ориентација и попреченост, па потоа етничка припадност, род и политичко уверување.

- Од подносителите физички лица, 25 не доставиле податок за припадноста на пол. Од оние кои доставиле, 21 или 58,33 проценти биле жени и 15 или 41,67 отсто биле мажи. Во однос на националната припадност, 24 граѓани не се изјасниле. Од оние кои се изјасниле, 27 биле Македонци, седум Албанци, еден Влав. До КСЗД се доставени и две претставки од граѓани кои се изјасниле за друга етничка припадност - еден хрватска, а другиот не ја посочил припадноста. Во поглед на возраста, најмногу претставки се поднесени од граѓани на возраст од 41 до 50 години - 16 претставки. Податок за нивната возраст не доставиле 25 подносители на претставки. Вкупно 52 претставки поднеле граѓани или правни лица од Скопје. Потоа следат: по четири од Битола и Велес, три од Штип, по две од Прилеп и Тетово, по една претставка од Берово, Делчево, Долнени, Илинден, Кавадарци, Кочани и од Струга. Две претставки се поднесени од граѓанска организација со седиште во Белгија, а еден подносител е со адреса на живеење во Германија, се наведува во извештајот.

Во второто тримесечје на 2024 година, КСЗД донела вкупно 71 одлука по предмети за заштита од дискриминација. Донесени биле 37 мислења, од кои во 16 случаи се утврдило дискриминација, а во 21 не се утврдило дискриминација. Се отфрлиле, односно не се постапувало или била запрена постапката по 34 претставки. Заклучно со 30 јуни 2024 година, бројот на тековни постапки изнесува 88, пишува во извештајот.

- Директна дискриминација е утврдена во 10 случаи, од кои три како дискриминација во потежок облик - во еден како интерсекциска, во друг како продолжена и во последниот како повеќекратна и продолжена дискриминација по перцепција. Индиректна дискриминација се утврди во два случаи, вознемирување во шест, повикувње, поттикнување и инструкција за дискриминација во два и виктимизација во три случаи, појаснуваат од КСЗД.

Во 16-те случаи на дискриминација, КСЗД утврдила повреда на правото на еднаквост врз 13 различни основи.

- Најчесто утврдени основи на дискриминација во вториот квартал на 2024 година се сексуална ориентација и попреченост, а потоа следат етничка припадност, род и политичко уверување. Утврдени се и пет случаи на дискриминација врз друга основа: два врз основа на членување во синдикат и по еден случај врз основа на друг статус, место на живеење и оневозможување на пристап до работно место. Најмногу случаи на дискриминација во вториот квартал, биле утврдени во областа на работата и работните односи, а потоа следат областите пристап до добра и услуги и јавно информирање и медиуми. КСЗД утврди дискриминација и во областите култура, образование, правосудство и управа, членување и дејствување во синдикални организации. Во еден случај се утврди дискриминација сторена во две области, се додава во извештајот.

По претставка поднесена од ученик, против СОУ „ Гимназија Кочо Рацин“ од Велес, каде било наведено дека подносителот во континуитет е жртва на врсничко насилство, а дел од професорите биле и сведоци на тоа, Комисијата, покрај повеќекратната и продолжена дискриминација по перцепција, врз основа на етничка и расна припадност, сексуална ориентација и попреченост, во овој случај утврдила и вознемирување врз основа на етничка и расна припадност, сексуална ориентација и попреченост, како и виктимизација.

- КСЗД, во своите препораки му наложи на средното училиште да преземе мерки против булинг, да изрече педагошки мерки против соучениците сторители на булингот, училиштето да донесе интерна политика или протокол за спречување и заштита од насилство и дискриминација и да ги зајакне капацитетите на вработените за препознавање, заштита и превенција од дискриминација, особено на основите попреченост, раса, боја на кожа, етничка припадност, родов идентитет и сексуална ориентација во рок од три месеци, а понатаму да спроведува континуирани обуки за зајакнување на знаењата и капацитетите на персоналот за инклузивност и недискриминација. СОУ„ Гимназија Кочо Рацин“ од Велес, ја извести Комисијата дека е започнато исполнувањето на препораките, пишува во извештајот.

По добиена претставка за не дозволување влез во скопски ресторан заради носење шамија како религиско обележје, КСЗД утврдила директна интерсекциска дискриминација врз основа на род и религија или верско уверување во областа на пристап до добра и услуги. Притоа, во текот на увидот, Комисијата утврдила дека ваквото однесување од страна на менаџерскиот тим на ресторанот, било веќе востановена практика.

- Во својата препорака, КСЗД посочи дека конкретниот ресторан треба да ја отстрани дискриминацијата на начин што ќе им овозможи пристап до добрата и услугите што ги нуди на сите граѓани и во иднина, нема да го ограничува пристапот до кафе-барот и ресторанот и врз било која дискриминаторска основа, што би можело да доведе до нееднаков пристап и дискриминаторски третман, се нагласува во извештајот. бд/са/

Фото: МИА архива, КСЗД

Остани поврзан