• сабота, 18 мај 2024

До крај на август Бутел ќе добие 20 нови улици и два спортски комплекси, почнува изградба на нова градинка и три нови паркови

До крај на август Бутел ќе добие 20 нови улици и два спортски комплекси, почнува изградба на нова градинка и три нови паркови
Скопје, 20 јули 2022 (МИА) - До крајот на месец август ќе бидат асфалтирани 20 улици на целата територија на Општината Бутел - во населбата Бутел 1 ќе започне изградбата на нова градинка со капацитет од 150 деца, ќе има нови пристапни и пешачки патеки во Скопје Север и во Љуботенски пат и нови спортски комплекси и игралишта во неколку локации низ Општината, информираше градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски. - Пред неколку дена започнавме и со асфалтирање на најавени 20 улици, во текот на ова лето. До крајот на август ќе бидат асфалтирани 20 улици на територија на цела општина Бутел. Во моментов се наоѓаме на една од нив. Тоа е улица „20“  во населено место Радишани и во моментов се работат три улици, квалитетна динамика има и ќе бидат завршени до крајот на ова лето, изјави Костовски на денешната изјава за медиумите по извршениот увид на градежните активности на „Улица 20“ во општина Бутел во придружба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој најави дека следниот месец ќе стартува изградбата на нова градинка во населба Бутел 1, која што ќе го носи истото името „Св. Климент Охридски“. - Она што сакам во овој момент да го најавам е големиот капитален објект кој ќе почне да се гради на почетокот на следниот месец август, а тоа е новата градинка во Општина Бутел, кој ќе биде распространета на 800 квадратни метри и ќе има можност да прими 150 деца. Тоа е во населеното место Бутел 1, поточно до училиштето „Св. Климент Охридски“. Практично градинката ќе го носи и тоа име, градинка „Св. Климент Охридски“, истакна градоначалникот Костовски. Исто така, тој најави дека во населеното место Скопје Север за многу кусо време ќе започне изградбата на нови 14 пристапни патеки до зградите во населбата, а во Љуботенски пат ќе се гради нова пешачка патека во должина од еден километар и широчина 2,5 метри. Во Љубанци, според Костовски, започната е изградба на нов спортски комплекс, каде што ќе се поставува нова вештачка трева и нова ограда на игралиштето, а ќе има уште три нови спортски комплекси со нови игралишта и ново парковско и хортикултурно уредување. - Ќе добиеме нови спортски игралишта само поединечни за фудбал и кошарка во Бутел 2, во Визбегово и во Скопје Север. Давам збор до крај на месец август. Започнуваме за скоро, три нови паркови на улица „8“ помеѓу Љуботенски пат и Радишани, еден парк каде што се наоѓаме во моментов место викано Олимпија и еден во Бутел 1 веднаш до училиштето „Св. Климент Охридски“, рече Костовски. Тој најави уште и како поставување на нова ограда  во училиште „Св. Климент Охридски“, две нови библиотеки, како и десетици други проекти кои ќе бидат реализирани во текот на, како што рече, ова градежно лето. - Она што сакам да го истакнам е дека се реализирани 20-тина проекти надвор од она што е ветено, и верувајте дека ќе се движиме до крај и убеден сум дека над 90 отсто од програмата ќе биде реализирана, потенцираше градоначалникот на Бутел. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека заедно со градоначалникот Костовски ќе ги реализираат сите проекти кои што ги ветиле како дел од предизборната програма. - Јас ги уверувам бутелчани, еве и самиот Дарко рече. дека повеќе од 90 отсто, а јас мислам после промената во Владата и повеќе од тоа што е ветено ќе биде реализирано. А, до тогаш еве да се задржиме на таа прогноза повеќе од 90-тина проценти од тоа што е ветено во програмата, изјави Мицкоски. сх/сп/ Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан