• среда, 29 јануари 2025

До крајот на неделава Мицкоски на средба со Синдикатот на УПОЗ

До крајот на неделава Мицкоски на средба со Синдикатот на УПОЗ

Скопје, 28 јануари 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека неделава очекува средба со Синдикатот на УПОЗ на која треба да се разговара за барањата за исплата на додатоци на плата од 30 проценти и потпишување на колективните договори.

Според него, тоа прашање ќе биде разгледано и на седницата на Економско-социјалниот совет.

- Да почекаме какви ќе бидат разговоротие па потоа да влечеме заклучоци, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Влада.

Тој посочи дека има општ колективен договор, кој е важечки и е во сила и оти Владата транспарентно кажала за потпишувањето на колективниот договор со сидникатите во образованието и во здравството.

- Тоа е прифатено, печатирано, архивирано и тоа е предвидено во буџетот заедно со законските покачувања кои се дел од општиот колективен договор. Во овој буџет во оваа кондиција што се наоѓа неможе да си дозволи толкави покачувања и таква содржина на тие колективни договори. Треба да се седне да се преговара и да се разговара. Исто како што тоа го правевме со синдикатите во образованието и здравството. После неколкунеделни, месечни разговори и преговори разговаравме и на крајот договоривме и го соопштивме во јавноста. Оваа Влада под диктати и ултиматуми не работи. Оваа Влада работи врз основа на принципи и компромис. Компромис кога ќе има, јавноста ќе биде информирана, истакна Мицкоски.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска појасни дека кога се носеле одлуките за потпишување на договорите со здравство и образование, пристапот не бил ист.

- Просечната плата во образование беше на најниско можно ниво и срам за државата. Тоа беше нешто што беше заборавено од претходната Влада. Но, во меѓувреме сите што имаме деца ги критикуваме наставниците и професорите. Се тргна од таму. Ако имате ограничен буџет вие одите прво да ги решавате проблемите таму каде што некој спиел со години наназад. Кога разговаравме со здравство сосем различен беше пристапот затоа што просечната плата таму беше многу повисока отколку во образование. Со секој од тие синдикати се разговара поединечно, а како што кажа и претседателот ќе разговараме за општиот колективен договор ќе ве информираме во скоро време какви небулози има и таму па ќе се изненадиме сите, рече министерката за финансии.

Вработени од неколку министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив од 14 до 17 јануари годинава одржаа неколку предупредувачки протести пред МЖСП и министерствата за култура и за финансии, барајќи потпишување колективни договори и исплата на 30 проценти додатоци на плата. сс/ев/

ФОТО: Архива 

Остани поврзан