Дописникот на МИА од Кочани за грчката новинска агенција АНА-МПА ја раскажа неговата трагична приказна по пожарот во „Пулс“
- Трагична приказна за загубата на кумот на неговиот син во пожарот во дискотеката „Пулс“, кој воедно бил и официјалниот фотограф на концертот на ДНК, за грчката новинска агенција АНА-МПА ја раскажа дописникот на МИА од Кочани Тони Ајтовски неговата, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 20 март 2025 (МИА) - Трагична приказна за загубата на кумот на неговиот син во пожарот во дискотеката „Пулс“, кој воедно бил и официјалниот фотограф на концертот на ДНК, за грчката новинска агенција АНА-МПА ја раскажа дописникот на МИА од Кочани Тони Ајтовски неговата, јави дописничката на МИА од Атина.
- Во неделата наутро, Тони Ајтовски бил во полициската станица во Кочани, каде што во тек била прес-конференција за трагедијата што се случи неколку часа претходно во ноќен клуб во градот, кога телефонот почнал упорно да му ѕвони. Од другата страна на линијата била неговата сопруга која го информирала дека кумот на нивниот син, кој бил во клубот, не одговара на телефонските повици на мајка му, пишува АНА-МПА на почетокот од текстот.
Ајтовски објаснува дека веднаш заминал за болницата за да провери дали кумот на неговиот син Александар Ефремов, официјален фотограф на концертот на ДНК е меѓу повредените.
Се распрашувал во болницата, каде што имало голем број луѓе и откако не успеал да добие информации се обратил до Црвениот крст.
- Во болницата лекарите непрестајно трчаа. Неговото име им го дадов на некои волонтери на Црвениот крст за да го запишат на списокот и да го побараат. Ми рекоа дека ќе видат дали е во болницата овде во Кочани или бил префрлен на друго место. Никој не знаеше дали е жив или е тешко повреден, раскажува Ајтовски.
Дополнително, за АНА-МПА објаснува дека со оглед на тоа што ситуацијата била конфузна и додека чекал информации за судбината на кумот, решил да се врати на прес-конференцијата.
- Во еден момент ми се јави сопругата и ми кажа дека ја повикале во болница за идентификација (од фотографии). Се молев да не е вистина и да не е тој на фотографиите. Двајцата се упативме кон болницата. Таа пристигна порано. Ми се јави на телефон и ми рече: тој е, со бројот 25 на блузата. Ми се стемни пред очите, за малку ќе го загубев умот, вели Ајтовски.
Кога повторно пристигнал во болницата толпата била уште поголема бидејќи почнале да доаѓаат и други роднини кои ги пронашле нивните луѓе, нивните деца.
- Меѓу толпата ја најдов мојата сопруга, пропадната и без зборови. И јас не знаев што да кажам … А прашање беше кој ќе им го каже на роднините она што веќе го знаевме. Ни беше невозможно да го сториме тоа. Побаравме од еден волонтер да им каже да дојдат во болницата во Кочани од Штип, каде што живеат, без да им ја објасниме ситуацијата. За половина час стигнаа и ме бараа мене и жена ми. Им пријдов и ги прегрнав … Разбраа сѐ. Темнина и тишина, раскажува новинарот
Александар Ефремов е еден од 59-те жртви од трагедијата во Кочани, а денеска бил погребан во неговиот роден град, онаму каде што и го загуби животот. ср/ац/
Фото: МИА/ФБ профил на Александар Ефремов