• понеделник, 23 декември 2024

Донација од 377 книги на македонски јазик во Осло

Донација од 377 книги на македонски јазик во Осло

Скопје, 6 јуни 2024 

На иницијатива на Ротари клубот „Камен мост-Скопје“, потпомогната од Данскиот и Норвешкиот конзулат во Скопје, ќе се донираат 377 книги на македонски јазик на Националната библиотека во Осло. Проф. Д-р Радмила Димовска, при нејзината посета на Националната библиотека во Осло, која е една од најпрестижните во Европа, констатирала дека не постои катче на македонски јазик:

„При вообичаена посета на библиотеката, утврдив дека на нејзините полици недостасуваат македонска литература и македонски автори. Оттаму произлезе интересна идеја за акција на Ротари клубот ‘Камен Мост’ во кој во моментот ја вршам должноста Претседател. Преку моите колеги во Норвешка, кои иницијално го направија контактот со библиотеката, наидовме на воодушевување за можноста да ја збогатат својата литературна ризница со книги на македонски јазик. Стапивме во контакт со Издавачкиот центар ‘ТРИ’ и ‘Македонската Асоцијација на издавачи’ и акцијата финишираше успешно, со примопредавање на книгите во Норвешкиот конзулат во Скопје“, истакна Проф. Д-р Димовска.

Од 2022 година, македонскиот јазик организирано се изучува во Осло. Во моментов има четириесетина интересенти кои активно посетуваат часови по македонски јазик еднаш неделно. Особен предизвик на изучувачите на македонскиот јазик во Норвешка било отсуството на јавно достапни книги на македонски јазик.

Претседателот на „Македонската Асоцијација на издавачи“ и главен уредник во Издавачкиот центар „ТРИ“, Бојан Саздов, изрази задоволство што се дел од реализацијата на оваа благородна иницијатива:

„Благодарам на Ротари клубот ‘Камен Мост Скопје’ и на Конзулатот на Норвешка во РСМ, за идејата македонскиот јазик и книжевност да најдат свое достојно место во норвешката Национална библиотека - најголема во државата, каде наскоро македонската книга за првпат ќе добие своја позиција меѓу сите светски книжевности. ‘Македонската Асоцијација на издавачи’ е благодарнa на своите членки, кои ја прифатија поканата да донираат дел од своите изданија за оваа цел – и помогнаа да собереме стотици книги, репрезентативни дела од нашата современа книжевна продукција, дела од македонски автори како и преводи на популарни дела од скандинавската литература“, истакна Саздов, изразувајќи надеж дека ваквите иницијативи ќе продолжат во иднина, со цел афирмација на македонската книжевност во светот и зголемување на достапноста до истата за сите Македонци што живеат надвор, но и на оние што сакаат за првпат да се запознаат со македонскиот јазик и култура.

Поддржувајќи ја иницијативата, Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, кој истовремено ја извршува функцијата на Генерален конзул на Кралството Данска и Конзул на Кралството Норвешка, а членува и во Ротари клубот „Камен Мост“ Скопје, презема обврска за испорака на пратката, која своевремено се поткрепува со донација на уште шеесеттина македонски наслови:

„Срдечно ја поздравувам иницијативата на д-р Радмила Димовска, која изминативе неколку месеци заедно со членовите на клубот посветено работеше на собирање на што повеќе наслови на македонски јазик и соодветно опремување на македонското катче во Националната библиотека во Осло. Особено ми е драго што се вклучивме со логистичка поддршка и дополнителна донација на преводи на македонски јазик од дански и норвешки автори и збирки поезија од Ана Бунтевска. Се надевам дека оваа акција нема да запре со една пратка. Повикувам и апелирам на нејзино продолжување, кое секако сме тука да го поддржиме“, изјави Мукаетов.

Националната библиотека во Осло е ценета норвешка културна институција, чија мисија е зачувување на минатото, во служба на иднината. Таа претставува литературен дом на автори од речиси цел свет, а на иницијална идеја на Македоци кои живеат во Норвешка, Проф. д-р Васка Вандевска Радуновиќ и Др Снежана Димитроска, ќе добие и македонско катче, кое ќе има суштинска улога во негувањето на македонскиот јазик.

„Алкалоид“ АД Скопје 

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: „Алкалоид“ АД Скопје 

Остани поврзан