Донарума: Италија мора да се пласира на Мундијалот 2026
- Италијанскиот голман Џанлуиџи Донарума изјави денеска дека неговата репрезентација мора да се квалификува за Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико, откако Италија ги пропушти двата последните мундијалски турнири.
Рим, 2 јуни 2025 (МИА) – Италијанскиот голман Џанлуиџи Донарума изјави денеска дека неговата репрезентација мора да се квалификува за Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико, откако Италија ги пропушти двата последните мундијалски турнири.
Донарума вечерва им се приклучи на соиграчите од репрезентацијата, откако го прослави со клупските колеги навивачите на ПСЖ освојувањето на Лигата на шампионите, по победата против Интер од 5:0 во саботата во Минхен.
Италијанските репрезентативци се подготвуваат неколку денови во базата во Коверчано, а играчите кои настапија во финалето во Лигата на шампиони добија дозвола да се приклучат на тимот вечерва.
„Многу славев, но сега се концентрирам на репрезентацијата. Ова се два многу важни натпревари, ќе мора да се бориме напорно. Среќен сум што сум тука, првата цел е Светското првенство, апсолутно мора да се квалификуваме“, изјави Донарума за „Скај Италија“.
Италија ги стартува мундијалските квалификации на 6 јуни во Осло против Норвешка, а три денови подоцна ја пречекува Молдавија во второто коло.
Италија не успеа да се квалификува на последните две светски првенства, во Русија 2018 и во Катар 2022 година.ег
ФОТО: ЕПА