• сабота, 21 декември 2024

Доживотен затвор за политичар од Невада за убиство на новинар

Доживотен затвор за политичар од Невада за убиство на новинар

Карсон Сити, 29 август 2024 (МИА) - Поранешен политичар од Невада е прогласен за виновен за убиство на новинар кој пишувал за неговите афери. Роберт Телес (47) е во затвор од 2022 година. Тој беше уапсен под сомнение дека го убил истражувачкиот новинар Џеф Герман.

Во текот на судењето, обвинителите и презентираа на поротата ДНК докази пронајдени под ноктите на новинарот, кои му припаѓале на Телес. Иако поранешниот политичар тврдеше дека е невин, поротата вчера го осуди на доживотен затвор. Тој има право на условно ослободување по одлежување 20 години, пишува Би-Би-Си.

Во септември 2022 година, полицијата го пронашла телото на Герман (69) пред неговата куќа во Невада. Бил прободен седум пати во вратот и торзото.

Обвинителите за време на судењето рекоа дека Телес го убил новинарот поради критички написи.

Герман еднаш напиша дека Телес имал несоодветен однос со член на неговиот персонал. Во 2022 година, демократот Телес ги загуби изборите за втор мандат како јавен администратор откако беа објавени написите на Герман.

Полицијата пронашла снимка од безбедносните камери на кои се гледа маж како го убива новинарот. Тој носел голем сламен шешир и патики. Обвинителите тврдеа дека на видеото се гледа поранешниот политичар.

Герман ја покриваше градската рубрика и корупцијата повеќе од 40 години. Пред неговата смрт, тој подготвувал уште еден текст за Телес. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан