Додик: Палестина не е држава и не може да биде признаена
- „Држава која не постои во реалноста не може да биде легално признаена. Ја поддржувам јасната и рационална позиција на Израел и дел од меѓународната заедница – долготрајните конфликти не се решаваат со еднострани политички гестови“, напиша Додик на платформата Икс.

Бања Лука, 27 јули 2025 (МИА) - Најавата за можноста Франција да ја признае Палестина како независна држава предизвика нови политички судири во Босна и Херцеговина. Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, остро се спротивстави на оваа идеја и изрази поддршка за Израел, што предизвика реакција од страна на бошњачкиот функционер и претседавач на Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, Денис Звиздиќ.
„Држава која не постои во реалноста не може да биде легално признаена. Ја поддржувам јасната и рационална позиција на Израел и дел од меѓународната заедница – долготрајните конфликти не се решаваат со еднострани политички гестови“, напиша Додик на платформата Икс.
Тој го обвини Западот дека ги пренасочува своите геополитички фрустрации врз други народи и оцени дека најавеното признавање на палестинската држава од страна на Франција е политички мотивирано и опасно по глобалната стабилност.
Тој додаде дека решението мора да произлезе од преговори меѓу израелскиот и палестинскиот народ, а не преку еднострани чекори. „Признавањето на Палестинската власт како држава без договор со Израел не е акт на мир, туку преседан што го поткопува меѓународното право и архитектурата на глобалната стабилност“, оцени Додик.
На ова реагираше Звиздиќ, нарекувајќи ја изјавата на Додик „нечовечна“ и „исклучиво мотивирана од омраза кон муслиманите“.
- Менталитетот на Додик е управуван од омраза кон муслиманите, не само кон Бошњаците – тоа е неговата политичка суштина, изјави Звиздиќ.
Тој оцени дека ваквите ставови не само што се противат на принципите на правдата, туку и индиректно го поддржуваат насилството врз цивилите во Газа. Според него, Додик се обидува да се додвори на Израел во надеж дека ќе добие поддршка за укинување на санкциите.
- Овие постапки се закана за мирот, Дејтонскиот договор и уставниот поредок на БиХ, заклучи Звиздиќ. ссм/
фото: архива